Системот за управување со кризи ќе се реформира, одлучи Владата, а тоа ќе се направи преку спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Нешто, кое, според Владата, ќе придонесе кон поефикасен кризен менаџмент во иднина. Во меѓувреме, пожарите не стивнуваат, а температурите и натаму се екстремно високи.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера информираше дека на седница на Владата е донесена одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи со цел поефикасно функционирање на системот за справување со кризи.
– Прв чекор што направивме е донесовме одлука да ДЗС и ЦУК да отпочнат процес на фузионирање, оптимирање прво на кадарот, а второ да имаме една институција која во услови на кризен менаџмент ќе знае како да делува по определени протоколи – рече премиерот.
Дополни дека реформите ќе бидат направени откако ќе се изборат со огнената стихија. Информираше дека на владината седница одобриле повеќе средства за ЦУК и ДЗС кои се потребни за справување со пожарите. Премиерот се осврна и на ситуацијата со пожарите при што посочи дека се соочиле со состојба да немаат летала да се справуваат со огнената стихија, додека, во меѓувреме, и пилотите се во пензија.
– Немавме летала за да се справуваме со пожарите со кои што почнаа на 10 јули, освен тоа, пилотите беа во пензија. Армиските полициски хеликоптери беа на сервис. Практично, ние голораки, заедно со пожарникарите, припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, со доброволците се бориме дневно со повеќе од 40 огнени стихии, секој ден, на целата територија на државава – рече тој, заблагодарувајќи им се на сите кои што учествуваат во гаснењето на пожарите.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека бројот на пожарите не се намалува и според досегашното искуство, се очекуваат и нови. Тој апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат пожар веднаш да го пријават.
Според неговите информации, во текот на вчерашниот ден на територијата на државата имало 32 пожари на отворено и шумски пожари. Од нив 15 целосно се изгаснати, шест се ставени под контрола, а 11 се активни.
Апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикаат пожар на отворен простор, и ги повика доколку забележат чад или отворен оган да ги пријават на бројот 112. Но, доколку се сомневаат дека одредено лице некаде подметнало пожар, истото да го пријават во најблиската полициска станица или на бројот 112.
Директорот на ЦУК сподели дека во текот на јули имало 765 пожари на отворен простор меѓу кои и шумски пожари.