Фото: Пиксабеј

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг – напади што се изведуваат преку лажни СМС – пораки, електронски пораки, веб-страници и пораки на социјалните мрежи.

– Пораките обично изгледаат како да доаѓаат од доверливи извори – како банки, државни институции, реномирани компании, но, имаат за цел да ги измамат корисниците и да ги обезбедат нивните лични или финансиски податоци. Најчести се лажните СМС-пораки за пристигнати пратки од пошта, а главната цел е да се приберат личните податоци на примателот или да се натера да посети лажна веб-страница преку која со оставање на неговите лични податоци, може да се предизвикаат дополнителни злоупотреби на истите – појаснуваат од МВР.

За ваков вид измами, изминатава година до Секторот за компјутерски криминал пристигнале над 50 пријави.

– Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвараат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка – потенцираат од МВР.

Истакнуваат дека Секторот за компјутерски криминал при МВР продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.