Пазарниот инспекторат не утврдил криење на залихи на гориво при контролите спроведени во изминатите неколку дена на бензинските станици низ државата.
Директорот на Пазарниот инспекторат, Влатко Стојкоски, денеска изјави дека во изминатите три до четири дена се реализирани повеќе од 300 инспекциски надзори, при што кај дел од бензинските станици контролите сè уште продолжуваат, пренесе МИА.
– Не е констатирано дека имало криење на залихите на гориво. Меѓутоа, утврдено е дека околу триесетина бензински станици ги потрошиле залихите и привремено престанале со точење. По еден до четири часа, по повторно полнење на резервоарите, тие продолжиле со работа – изјави Стојкоски.
Тој појасни дека ваквата состојба била забележана во текот на изминатите неколку дена. Стојкоски денеска заедно со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, присуствуваше на настанот „Усогласеноста и фер конкуренцијата одат заедно“.
Во однос на можноста за намалување на ДДВ за увоз на енергенси доколку кризата потрае подолго, Петрова посочи дека таквите проценки ги прави Владата во соработка со ресорните министерства.
– Управата за јавни приходи е оперативно-извршен орган. Проценките за вакви мерки ги прави Владата со ресорните министерства, а ние ги спроведуваме одлуките што ќе бидат донесени преку законски решенија или други акти – изјави Петрова.
Од Пазарниот инспекторат најавуваат и нови контроли кај трговците поради можноста за зголемување на цените на прехранбените производи.
– Уште од денеска ќе се формира тим и ќе се изготви оперативен план за инспекциски надзори кај маркетите, дистрибутерите, увозниците и производителите на храна. Во наредниот период ќе се посветиме токму на следење на цените и профитните маржи – рече Стојкоски.
Тој апелираше до трговците да покажат општествена одговорност, имајќи ја предвид глобалната економска состојба.
„Светот се соочува со економска криза и очекувам разум кај трговците. Владата во повеќе наврати покажа дека е партнер на стопанството преку мерки како евтини кредити и обезбедување фер конкуренција, а Инспекторатот ќе продолжи со контролите на терен“, додаде Стојкоски.
































