Николај Н. Дурново и македонското национално прашање

  • Соработникот и дописник на „Нова Македонија“ од Русија, Ванчо Стојановски, во своите анализи ги разгледува не само активностите на македонските интелектуалци во Санкт Петербург и Москва туку и научните мисли на Николај Н. Дурново – еден од ретките руски научници што со своите трудови ја поддржаа македонската национална идеја. Стојановски нагласува дека македонската интелигенција во емиграција покажала зрелост и ширина: тие знаеле да ја артикулираат својата кауза преку културата, добротворноста и политиката. Во тој интелектуален амбиент, Дурново не бил само набљудувач туку и сојузник. Неговите научни трудови – како „Государства и народи Балканского полуострова“ (1890) и „Имеют ли Болгары историческия права на Македонию?“ (1895) – претставувале аргументирани одговори на бугарските и српските претензии. Историјата и етнографијата, како што забележува Стојановски, не биле само академска дисциплина – тие биле оружје за национално освестување. Со читање книги за сопствената историја, Македонците добивале чувство на припадност и легитимитет. Во тој процес, Дурново со својата научна совест и критичка мисла се вбројува меѓу оние што ја поддржале вистината за македонската посебност и ја зајакнале каузата на македонската интелигенција во Русија
  • Рускиот научник Николај Н. Дурново останува важна фигура во историјата на македонското прашање, покажувајќи дека научната совест и критичката мисла можат да бидат сојузници на вистината и на стремежот за национална афирмација. Иако неговите ставови не станале доминантни во руската јавност, тие претставувале значаен пресврт. Со тоа што научник од углед ја поддржал тезата за македонската посебност, Дурново придонел за легитимирање на македонската национална идеја во интелектуалните кругови

Николај Н. Дурново претставува редок пример на руски научник што, во време на силни пропагандни притисоци, се осмели да ја изговори вистината дека Македонците се посебен народ со сопствена историја и културна традиција. Неговите зборови „Македонските Словени не се ни Бугари, ни Срби“ остануваат сведоштво за тоа дека македонската национална идеја имала свои поддржувачи и во научните кругови надвор од Балканот. Неговите трудови не само што ја оспориле бугарската и српската теза туку и оставиле трага во развојот на македонската национална мисла. Со ова, Дурново останува важна фигура во историјата на македонското прашање – како сведоштво дека научната совест и критичката мисла можат да бидат сојузници на вистината и на стремежот за национална афирмација. Иако неговите ставови не станале доминантни во руската јавност, тие претставувале значаен пресврт. Со тоа што научник од углед ја поддржал тезата за македонската посебност, Дурново придонел за легитимирање на македонската национална идеја во интелектуалните кругови. Крсте Мисирков го сметал неговиот пристап за позитивен, бидејќи ја афирмирал употребата на името „Македонци“ и ја поддржал можноста за создавање самостојна македонска држава.

Идентитетот на Македонците стана вистинско „јаболко на раздорот“

По Берлинскиот конгрес од 1878 година, Македонија повторно остана заробена во сенката на големите сили и нивните бескрајни дипломатски игри. Иако во договорот свечено беше запишано ветување за реформи што требаше да донесат олеснување и надеж за населението, тие останаа само мртво слово на хартија. Така, судбината на македонскиот народ уште еднаш беше препуштена на компромитираната и корумпирана османлиска администрација, која повеќе се потпираше на поткуп и самоволие отколку на праведност и ред.
Во вакви услови, соседните држави – Бугарија, Србија и Грција – ја видоа Македонија како плен што треба да се присвои. Нивните пропаганди не користеа оружје од челик, туку оружје од зборови, книги и симболи: училишта, цркви, учебници и културни друштва. Секој од нив настојуваше да ја претстави Македонија како природен дел од сопствената национална историја, да ја впише во сопствениот мит и да ја претвори во продолжение на својата државна идеја.
Европа, пак, гледаше на Македонија како на шаховска табла на која се судираа интересите на империите. Наместо да биде земја со свој глас, таа беше фигура што се поместуваше според волјата на туѓи играчи. Во такви околности, прашањето за идентитетот на Македонците стана вистинско „јаболко на раздорот“ – тема што ги разгоруваше научните, политичките и дипломатските кругови и која постепено се претвори во централна точка на балканската политика кон крајот на 19 век.

Дурново и македонската национална идеја

Во сложената историска сцена по Берлинскиот конгрес, кога Македонија беше предмет на пропагандни битки меѓу соседите, Николај Н. Дурново се издвојува како научник што настојуваше да ја гледа вистината преку историски и јазични факти, а не преку политички агенди. Дурново јасно се спротивставил на доминантните тези во руската јавност, кои најчесто ја поддржувале бугарската позиција. Во своите трудови тој пишува: „Моето мислење, засновано на научни трудови, е еднакво со мислењето на г. Драганов, дека македонските Словени не се ни Бугари ни Срби и дека Бугарите немаат никакви историски права на Македонија“. Со оваа формулација, Дурново не само што ја оспорува бугарската теза туку и ја легитимира третата опција – македонската национална посебност.
Во својата рецензија на делото на Васил К’нчов „Етнографија на Македонија“, Дурново остро забележува: „Подобро би било ако г. К’нчов ги нарекол македонските Словени не Бугари, а Словено-Македонци, бидејќи Бугарите не ги пословениле македонските Словени, туку напротив – Словените ги пословениле Бугарите“. Ова искажување е мошне значајно, бидејќи го негира тогашното доминантно тврдење и ја става Македонија во центарот на словенската историја, а не како периферија на бугарската.
Дурново исто така ја нагласува историската улога на Охрид „Во секој случај треба да се признае дека Охрид бил престолнина на словено-македонското царство, кое се именувало бугарско, но кое ништо општо немало со бившото прибалканско или заддунавско-бугарско царство“. Со ова, тој ја разликува средновековната македонска државност од бугарската, укажувајќи дека историјата на Македонија има сопствена линија на развој.
Тој остро ја критикувал и бугарската пропаганда во Македонија, укажувајќи дека многу млади Македонци што студирале во Русија се декларирале како Бугари од практични причини – затоа што бугарските комитети им обезбедувале финансиска и институционална поддршка. Така, според него, се создавала „бугарска интелигенција“ што ја извртувала историјата и ја зголемувала бројноста на бугарското племе.
Во своите дела, како „Државите и народите на Балканскиот Полуостров, нивното минато, сегашност и иднина и бугарската неправда“ (1890), тој отворено ги осудувал бугарските претензии врз Македонија.

Врската со Мисирков и Драганов

Со своите ставови, Николај Н. Дурново се доближува до мислата на Крсте П. Мисирков и Петар Драганов – двајца интелектуалци што во различни форми и со различни средства ја афирмираа идејата за македонската посебност. Тројцата, иако доаѓаа од различни средини и имаа различни патишта, се сретнуваа во едно заедничко уверување: дека Македонците не се продолжение ниту на бугарскиот ниту на српскиот народ, туку имаат свое име, свој јазик и свое историско наследство.
Петар Драганов, со своите етнографски и јазични истражувања, прв ја формулираше тезата дека Македонците претставуваат посебно словенско племе. Неговиот „Македонско-славјански зборник“ беше обид да се собере и документира богатството на македонскиот јазик и народна култура, со што се создаваше научна основа за национална афирмација. Крсте П. Мисирков, пак, со своето капитално дело „За македонцките работи“ (1903), ја изгради најсистематската програма за македонска национална еманципација. Тој не само што ја нагласи потребата од кодификација на македонскиот литературен јазик туку и ја постави идејата за политичка автономија како предуслов за национално самоопределување.
Во оваа линија на мисла, Дурново се јавува како значаен сојузник. Иако не беше Македонец, неговата научна совест и критичка дистанца му овозможија да ја согледа вистината што многумина во тоа време ја игнорираа или свесно ја прикриваа. Тој, како и Драганов и Мисирков, ја разобличуваше илузијата дека Македонците се само „дел“ од некој друг народ. Мисирков подоцна ќе забележи дека ваквиот пристап е „позитивен за афирмацијата на националното име на Македонците“. Со тоа тој индиректно ја признава важноста на Дурново и Драганов како интелектуални претходници и сојузници во борбата за национална самобитност.
Така, врската меѓу овие тројца мислители може да се сфати како триаголник на идеи: Драганов – кој ја отвори вратата кон научното признавање на македонската посебност; Дурново – кој како руски научник ѝ даде меѓународна тежина на таа теза; Мисирков – кој ја претвори во политичка и културна програма за иднината. Оваа синергија на идеи создаде интелектуален темел врз кој подоцна ќе се гради македонската национална мисла и ќе се артикулира стремежот за државност.


Искажувања на Николај Н. Дурновоќ

За посебноста на Македонците

„Моето мислење, засновано на научни трудови, е еднакво со мислењето на г. Драганов, дека македонските Словени не се ни Бугари, ни Срби и дека Бугарите немаат никакви историски права на Македонија.“ (Славянский Вѣкъ, 1900).

За критика на К’нчовата „Етнография на Македония“

„Подобро би било ако г. К’нчов ги нарекол македонските Словени не Бугари, а Словено-Македонци, бидејќи Бугарите не ги пословениле македонските Словени, туку напротив – Словените ги пословениле Бугарите.“ (Славянский Вѣкъ, 1901).

За Охрид и македонската државност

„Во секој случај треба да се признае дека Охрид бил престолнина на словено-македонското царство, кое се именувало бугарско, но кое ништо општо немало со бившото прибалканско или заддунавско-бугарско царство… Македонското царство се појавило по изгонувањето од Македонија на Бугарите и имало наполно одделна династија и архиепископи.“ (Имеют ли Болгары историческия права на Македонию, 1895).

За јазикот на Македонците

„Јазикот на кој било преведено Св. писмо бил јазик на македонските Словени, а не бугарски јазик.“ (Государства и народи Балканского полуострова, 1890).

За бугарската пропаганда

„Млади македонски Словени, желни за образование, оделе во Русија да учат во високите учебни институции, а како во тоа време било згодно да се наречат Бугари, кои добивале голема материјална помош, тогаш и македонските Словени имале доста побуди да се декларираат за Бугари. Така се создавала бугарската интелигенција… која ја извртувала историјата и ја зголемувала бројноста на бугарското племе.“ (Государства и народи Балканского полуострова, 1890).

Aвтор: Ванчо Стојановски