Во нашата земја 27 отсто од учениците и студентите вклучени во онлајн-истражувањето се за онлајн модел, 41 отсто сакаат да се вратат во клупа, додека 32 се за комбиниран модел на онлајн и физичка настава
Над 70 отсто од младите во Македонија, Србија и Албанија односно земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ не сакаат да продолжат со онлајн-настава и сметаат дека ниту тие, ниту професорите не вложуваат доволно напори за квалитетна настава преку интернет што резултира во ниско до средно ниво на стекнато знаење и несоодветна едукација. Ова го покажува онлајн-истражувањето на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) спроведено помеѓу ученици и студенти од трите земји во текот на минатиот месец.
Според Институтот, впечатлив и заеднички став на младите од трите земји е податокот дека помалку од една третина од нив е за продолжување на онлајн-наставата, додека останатите се залагаат за настава со физичко присуство или за комбиниран модел. Притоа само 14,6 проценти од младите во Албанија сакаат да учат онлајн, додека 44 проценти се за физичка настава, а 41,4 процент се изјасниле за комбиниран модел. Во нашата земја 27 отсто од учениците и студентите вклучени во онлајн-истражувањето се за онлајн модел, 41 отсто сакаат да се вратат во клупа, додека 32 се за комбиниран модел на онлајн и физичка настава. Од младите Срби, пак, 21 процент повеќе сакаат да учат онлајн, 37 отсто се за настава во училиштата, додека 42 отсто посакуваат да имаат можност и за онлајн и за физичка настава, пренесува МИА.
Според Бојан Кордалов, комуниколог и еден од авторите на оваа анализа, ковид-пандемијата ги затекнала неподготвени образовните системи во земјите од регионот, но ваквите бројки недвосмислено покажуваат, вели тој, дека и две години подоцна не сме промениле многу, ниту сме вложиле доволно во градење доверба во новите технологии и методи за учење.
-И јас лично преферирам настава и обуки во живо, но потсетувам дека доколку не беше дигиталната технологија, многу ученици и студенти ќе останеа во пандемијата без завршена година, а дел од младите ќе мораа да го одложат своето дипломирање или магистрирање за една-две години. Сепак, технологијата овозможи до тоа да не дојде, односно сите да продолжиме во нови околности да учиме и работиме. Главниот предизвик останува квалитетот на наставата, а сите учесници во оваа онлајн анализа јасно укажуваат дека сакаат дигитални реформи, но според урнек и навики на учениците и професорите. Тоа значи дека нема простор за импровизација, туку е потребно да се започне со еден инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени и слушнати сите чинители во образовниот систем – истакнува Кордалов.
Дуплирано времето потрошено на мобилен, таблет или компјутер
Анкетата покажува и дека младите во овие три земји речиси двојно го зголемиле времето поминато на мобилен телефон, таблет или компјутер за време на пандемијата. Ако пред тоа, во просек само околу 40 проценти од испитаниците поминувале онлајн до три или над три часа на ден, за време на пандемијата двојно повеќе или над 80 проценти од младите во овие земји се приклучени на интернет на некој од уредите во период од над три часа дневно.
Поделено е мислењето околу квалитетот на онлајн-наставата, како и подготвеноста на наставниците и професорите за настава во новите услови за учење на далечина предизвикани од ковид-пандемијата.
Најниска оценка за професорите од учениците во Албанија
Во просек и во двете категории голем процент млади сметаат дека наставата била неквалитетна, а професорите биле неподготвени, додека највисока оценка 5, дале нешто над 20 отсто од испитаниците. Најнезадоволни се младите во Албанија каде над 40 отсто им дале просечна или ниска оценка на професорите, а само 10 отсто сметаат дека тие добро ја извршувале онлајн-наставата. Мислењата по ова прашање се најмногу поделени во Србија и Северна Македонија каде речиси 30 проценти сметаат дека професорите не биле подготвени за онлајн-настава, додека исто, 30 проценти испитаници, дале највисока оценка на наставниот кадар.
Незадоволни од сопствениот труд
Учениците и студентите не се многу задоволни ни од трудот што самите тие го вложиле, ниту од она што го научиле за време на онлајн-наставата во изминатиот период. Најсамокритични се младите во Албанија каде речиси 48 отсто не се задоволни од стекнатото знаење, додека над 47 отсто од младите во земјава и во Србија дале повисоки оценки во оваа категорија.
-Враќање назад од процесот на дигитализација нема. Особено не за младите генерации. Пораката која тие ја испраќаат е многу јасна. Велат сакаме назад во училишните или факултетските клупи, но во современо образование, во кое дигиталните алатки ќе бидат вклучени во процесот на учење и прилагодени на нашите навики. Истовремено, учениците и студентите бараат избор – тие да одлучат дали и кога ќе бидат дел од физичка, а кога дел од онлајн настава, додава комуникологот Кордалов, потенцирајќи дека светот се менува и ако сакаме да создадеме генерации кои ќе бидат функционално, но и дигитално писмени, потребно е брзо да се прилагодуваме и менуваме според навиките и очекувањата на новите генерации.
Кои платформи ги користеле?
Во однос на најкористените платформи за далечинско учење помеѓу младите во трите земји, за нашите млади најпопуларни се Мајкрософт тимс и Зум, за младите Срби изборот во најголема мера е Зум, додека, пак, изборот на учениците и студентите од Албанија се Гугл Класрум и Мит.
Младите препорачуваат дека за подобра настава и онлајн е потребна подобра едукација и подготвеност на професорите, поголема интеракција со учениците, подобрено искористување на алатки за учење. Дел од младите предлагаат и да се снимаат предавањата, а снимениот материјал да биде достапен за секој ученик/чка или студент/ка во текот на учењето.
-Генерално, мнозинството млади во регионот сметаат дека е потребна реформа преку дигитализација на наставата што вклучува и наставна програма направена на интересен и иновативен начин, прилагодена на потребите на учениците и студентите. Со ваквиот пристап, според младите вклучени во онлајн анкетата, ќе се зголеми и квалитетот на нивното знаење и вештини. Она што охрабрува е дека речиси сите млади во регионот се подготвени да прифатат позитивни промени и иновативни решенија за учење – е еден од заклучоците од анализата.
Онлајн истражувањето на ИДУЕП било спроведено помеѓу 20 и 31 јануари 2022 во партнерство со Форумот за образовни промени – ФОП и опфатило над 500 млади луѓе – ученици и студенти од трите земји. Резултатите и сите добиени предлози ќе бидат интегрално доставени до државниот врв и владите од трите земји на Иницијативата „Отворен Балкан“.