Првата дигитална платформа со електронски книги, историски документи и истражувања кои опфаќаат над 150 години македонска историја, култура, поезија и патриотско творештво почнува со работа на 8 септември, Денот на независноста. Станува збор за проектот „Македонска Држава“ каде секој ќе може бесплатно да пристапи до сеопфатната дигитална библиотека чија основна тема се македонското историско и културно наследство. Платформата која во моментов е изработена на англиски јазик, во текот на септември ќе биде достапна и на македонски јазик, а во иднина ќе се преведе и на други странски јазици.

Целта на „Македонска Држава“ е јасна – да им овозможи на сите љубопитни умови, без разлика на возраста или образованието, слободен и објективен увид во богатото културно и историско наследство на Македонија. Во време кога информациите често се фрагментирани или недостапни, оваа библиотека претставува централно место за учење, истражување и инспирација. Тука секој посетител ќе може да најде веродостојни и внимателно селектирани содржини, вклучувајќи архиви што ги опфаќаат најзначајните настани и личности од изминатите 150+ години. Со внимателно селектирани содржини, организирани во јасни категории и поддржани со лесна, интуитивна навигација, овој проект претставува модерен одговор на потребата за централизирана дигитална архива.

-Веруваме дека историјата треба да биде жива, разбирлива и достапна за секого – без ограничувања и без филтри – велат од тимот кој стои зад проектот.
-Со дигитализацијата на материјалите и нивната бесплатна достапност, ја отвораме вратата за нова генерација истражувачи, ученици, студенти, новинари и сите љубители на македонската култура – велат од тимот на „Македонска Држава“.

Од следната недела, секој посетител ќе може да ја разгледа платформата, да ја истражи нејзината содржина и да стане дел од заедницата што ќе продолжи да ја пишува македонската приказна – во ново, дигитално поглавје, достапно секогаш и насекаде.