Фото: Влада

Сите политичари од минатото, коишто се темни сенки бидејќи не можете да ги слушнете како зборуваат за предлози и реформи, единствената карта на која што ја темелеа својата децениска политичка кариера беше криминал и корупција и етнички конфликти. Ние велиме сега ќе ја растуриме таа магла и ќе гледаме јасно во иднината. Ќе гледаме јасно во процесот на реформи, реструктуирање на нашите држави, борба против криминалот и корупцијата и тоа е нашата желба и тоа е нашата визија како две влади и така ќе продолжиме и во иднина да функционираме, порача премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на зедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти.

Прашан за одлуките на Уставниот суд и зошто токму кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт се актуелизираат, Мицкоски рече дека од првиот до последниот судија во Уставниот суд се избрани во македонското Собрание кога мнозинство беше владината коалиција СДСМ и ДУИ.

– Судиите коишто во моментот се дел од Уставниот суд, се судии коишто без исклучок се избрани од мнозинството на Демократската унија за интеграција и СДСМ. Навистина не знам од каде впечатокот дека ние имаме влијание, или сме можеби семоќни и ги контролираме сите политички партии, што не е така – изјави Мицкоски.

Прашан зошто вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ не присуствувал на денешната меѓувладина седница, Мицкоски рече дека „не е присутен поради оправдани обврски“.

– Би сакал да кажам дека членот на Владата, Стоиљковиќ гореше од желба да биде денеска овде во Приштина, но, бидејќи ние ја поместивме владината седница требаше да биде во петокот, а денеска е понеделник и поради оправдани обврски не е денеска тука. Но, затоа заменикот министер, Неждет Мустафа денеска е тука и навистина имаше една прецизна јасна дискусија со неговиот хомолог од косовската Влада – изјави Мицкоски.

Прашан дали на средбата со Мицкоски го отворил прашањето за постапката на Уставниот суд, Курти рече дека, колку што му е него познато три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија и овие три одредби парадоксално не се никогаш применети во минатото и сега е до Уставниот суд на Македонија ова да го оцени.

– Но, треба да објасниме една работа. Нема во Северна Македонија Закон за употреба на албанскиот јазик и немало ни во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците кој ја истакнува бројката 20 проценти. Тоа не е закон за албанскиот јазик. Тоа е Закон за употреба на јазиците. Тоа е првата работа. Од друга страна, верувам дека сите треба да чекаме за една правична одлука на Уставниот суд во Македонија кој нема да направи ниту исклучувања, ниту дискриминации и кој го почитува повеќејазичниот карактер во Македонија кој постои, бидејќи населението не говори на ист јазик – изјави Курти.

Во Косово, посочи Курти, иако Албанци се 93 отсто, а 4 отсто се српско население, српскиот јазик е службен јазик.

–  Но, во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот бил службен јазик, официјален јазик и сега е под закана. Ова не е вистина. Ние сакаме добри меѓусоседски односи со Северна Македонија и за ова ќе соработуваме, но има и други органи на власта во Северна Македонија, исто и во Република Косово кои ги носат нивните одлуки – рече Курти.