Повод: Седумдесет и седум години од херојската смрт на нескршливиот Лазо Ангеловски
„Не, јас не сум Евангелидис Лазарос, туку Ангеловски Лазо. Ние не сме Грци, туку Македонци. Јас верувам во мојот народ… Me убедувате дека не постои таков народ, но, ете, погледнете од Лерин кон север… Тие таму живеат и се радуваат на својата извојувана слобода!“, со овие зборови му одговорил Лазо Ангеловски, револуционерот и деец за слободата на Македонците во Егејска Македонија, на началникот на затворот во Лерин во август 1948 година. Иследникот барал од претепаниот Лазо, уште незалекуван од добиените рани, да се откаже од своите револуционерни и македонски идеали. Му нудел дека ќе се спаси така. Лазо остро му се спротивставил: „Народ не умира, ниту се уништува со еден одземен живот, туку тој народ од духот на маченикот сѐ повеќе закрепнува!“ Херојската смрт на Лазо Ангеловски станува легенда на маченик мeѓy месното население во егејскиот дел на Македонија и идеал за храброст на идните македонски поколенија, како што запишал историчарот Христо Ивановски во својот научен труд за Ангеловски.
Претсмртно писмо наместо реферат против партизаните
Затворскиот иследник се одлучил и на друг начин да го придобие Ангеловски. Од него побарал да подготви два реферата, со чија содржина би истапил против партизаните на Демократската армија на Грција и против раководството на Комунистичката партија на Грција. Потоа ќе требало да одржи говор пред политичките затвореници и пред граѓаните на Лерин. Во замена на тоа, Лазо би добил слобода. Но наместо реферат во затворот, Ангеловски го напишал своето претсмртно писмо, упатено до неговиот чичко Атанас Ангелов во Демир Капија, во кое го известил дека не се покорил и оти ја избрал свесно смртта. На 19 август 1948 година, откако повторно бил душмански претепан од грчките монархофашистички војници, облеан во крв, со искината кошула и бос, го качиле на отворено возило за да го „прошетаат“ низ улиците на градот Лерин.
Тие го правеле тоа со цел и да ги заплашат жителите на Лерин и на околните села што го поддржувале движењето на ДАГ. По наредба на главниот началник на леринската жандармерија, му ги врзале рацете на задниот дел на возилото и со забрзано возење и влечење на неговото тело низ леринската калдрма го усмртиле. Неговите посмртни останки биле фрлени во заедничката гробница на убиените затвореници во близината на црквата „Св. Горѓи“ во Лерин. Овие детали за смртта на Лазо Ангеловски ги има изнесено учителот и историчар Христо Ивановски во својата научна статија „Некои нови сознанија за просветната и револуционерна дејност на Лазо Ангеловски“.
– По смртта, Лазо стана вистинска легенда на маченик мeѓy месното население во егејскиот дел на Македонија. Неговото храбро држење, пред cè неговата трагична смрт, претставува бесмртен идеал на храброст за идните поколенија. Тоа ги вдахновува идните македонски поколенија да ja воспеваат неговата храброст. Лазо Ангеловски загина на 23-годишна возраст, убеден дека неговиот македонски народ ќе ги преболи многубројните жртви и оти тие ќе послужат како факел за воскреснувањето и извојувањето на неговата праведна борба. Лазо веруваше во својата визија: „Народ со еден одземен живот не умира, ниту се уништува. туку тoj народ од духот на маченикот повеќе се закрепнува! – запиша Христо Ивановски во својот научен труд за Ангеловски.
Деец на македонското национално движење и организатор на македонската просвета во Егејска Македонија
Лазо Ангеловски е деец на македонското национално движење. Toj e eден од организаторите на македонската просвета во Егејска Македонија во периодот на Граѓанската војна во Грција (1946–1949). Отворил 87 македонски училишта, во кои учеле 10 илјади ученици. Роден е на 10 август 1925 година во селото Граждано, егејскиот дел на Македонија, во сиромашно печалбарско семејство. Уште како ученик во средното училиште во Лерин постојано бил исмеван од наставниците, кои го нарекувале „Бугарин“ или „Незнамис“ („Господин Не знам“). Ваквиот однос, како и секојдневниот терор, кој грчките власти го спроведуваа врз македонскиот народ и другите малцинства, ќе го привлечат кон младинската организација на Македонското биро ОКНЕ, која во февруари 1943 година се обединува со другите напредни младински организации во Националната сегрчка организација на младите (ЕПОН).
Во редовите на оваа организација младиот Лазо се издигнал во вистински деец на македонското национално движење. Како член на Комисијата на ОКНЕ, Лазо активно учествува во организирањето на младите во родното место за време на нацистичката окупација. Дејствувањето на Лазо Ангеловски било откриено од грчките власти, по што бил избркан од училиштето. Сепак, успеал да го продолжи учењето и да ја заврши гимназијата како еден од најдобрите ученици.
Лазо Ангеловски отворил 87 македонски училишта, во кои учеле 10 илјади
ученици во егејскиот дел на Македонија
Свесен дека одговорот кон грчкиот национализам лежи во образованието на мајчин јазик, во 1944 година Лазо заминал во Битола, каде што завршил учителски курс по македонски јазик. По завршувањето на курсот бил назначен како народен учител во селото Брајчино. Подоцна, со решение на Министерството за просвета на НР Македонија, бил назначен како управник во Смилевската гимназија. Во 1946 година Лазо Ангеловски работи во Министерството за просвета во Скопје. Откако започнала Граѓанската војна во Грција (30 март 1946), Лазо Ангеловски се вратил во Егејска Македонија. Во 1947 година бил избран да ја врши функцијата секретар на Окружниот одбор на народната власт во Леринско. Истовремено ѝ се посветува на просветната дејност. Како искусен педагог, кој добро ги владее македонскиот и грчкиот јазик, му било доверено на слободната територија со други соработници да организира курс на македонски јазик за народните учители. Станал еден од првите обучувачи на учителскиот курс „Гоце Делчев“, кој се одвивал во селата Герман и Желево, Преспанско. По завршувањето на курсот, на кој се обучени 120 македонски и 40 грчки учители, Лазо отворил 87 македонски училишта, во кои учеле 10 илјади ученици. Потоа ја извршувал задачата на просветен инспектор.
Сериозен во својата работа, Лазо Ангеловски тргнувал од мотото „Сите македонски деца мора да имаат можност да научат да читаат и да пишуваат на својот мајчин јазик“. Одел од село во село и неуморно работел на искоренување на неписменоста. Во почетокот на 1948 година наставата била прекината, поради силните бомбардирања од грчката монархофашистичка војска. Лазо неуморно дејствувал политички и надвор од слободната територија на ДАГ. Најмногу во костурските и во леринските села. По престојот во селото Буф, каде што се сместил во една куќа, Лазо се сретнал со членовите на Народниот одбор и со младинските активисти. По кратко пешачење низ селската шума на Буф бил ранет и фатен од грчките војници. Оттогаш започнале жестоките тортури и измачувања, за да ги предаде соборците. Еден ден пред да биде погубен Лазо го испратил своето претсмртно писмо до неговиот чичко Атанас. Неговото писмо го изнел и му го предал на чичко му еден затвореник од селото Герман.
Приказната за Лазо Ангеловски е вдахновувачка приказна за нескршливиот македонски дух и на сиот македонски народ во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. Тоа е приказна и како се брани сопствениот македонски национален идентитет и по цена на својата смрт. Поради неговото неизмерно јунаштво, но и со оглед на неговата неуморна просветна дејност, во Скопје е изградено големо и современо основно училиште, кое денес го носи неговото име „Лазо Ангеловски“.
Јас не се покорив, ја избрав смртта!
Последната ноќ од својот живот во леринскиот затвор Лазо Ангеловски напишал претсмртно писмо на македонскиот непокор наместо предавнички реферат. Го упатил до чичко му Атанас Ангеловски во Демир Хисар, Македонија, за да го извести за својата намера дека свесно ја избира смртта, а не да ги предаде соборците и македонското револуционерно дело, во кое верувал со сета душа. Ова писмо е и потресно и автентично сведоштво за ужасниот терор и крвавиот геноцид што ги спроведувале грчките монархофашистички војници врз македонскиот народ во Егејска Македонија. Затоа „Нова Македонија“ го објавува ова претсмртно писмо на големиот Македонец Лазо Ангеловски, за да биде и тоа вградено во колективната меморија на сиот македонски народ и за следните македонски поколенија.
„Фатен сум од страна на грчките монархофашисти. Во затвор сум, во темница, во Лерин. Нема ништо до мене, сал тиранин стражар на врата стои и ме чува, со мене не зборува. Распарчен сум во устата со куршум. Левата рака ме боли, сум тепан со кондак… Мачен сум по казна, тепан… ме тераат да зборувам за движењето, против ДАГ, па потоа да бидам ослободен. Jac избрав смрт, не, нема да зборувам по никоја цена… Секој ден пред мене водат наши другари на стрелање. Тие збогум од сите нас земаат. Едни ги бесат, други ги стрелаат… Вратата се отвора, до мене таков глас се слуша: пискања и врескања, па и jac на исто чекам, што друго да чекам? Сите викаат, плачат, збогум земаат од мила мајка Македонија. ’Збогум мои другари, jac немам никој на овој свет’, се слуша. Драги чичко, ако дојде време Лерин да го ослободите, дојди и ти, донеси ги мајка ми и сестри ми, па побарај ja мојата гробница, за да сронат солзи крвави и да се накиснат моите коски и да ме разбудат. Писмото го пишувам по ноќи и денови, во секое време проверки вршат тирани грчки, корофилаци клети. Денес на говорница ќе ме изведат да говорам против организацијата и партизаните на Маркос. Да, смрт ме чека. Но секако кој овде влезе сал мртов излегува. Па затоа јас не се откажувам. Речено ми е пред другите затвореници говор утре да одржам или смрт да изберам. Некои мене ме охрабруваат, други ме кандисуваат да зборувам, ами против кого да зборувам? Јас не се покорив, ja избрав смртта… Мене не ме страши смртта, не, ништо нема да зборувам… Смрт на ф… Лазо Ангеловски, Лерин 18.8.1948 год.“
Неговото писмо го изнел од затворот во Лерин и му го предал на чичко му еден затвореник од селото Герман.
Свето Тоевски