Македонија постигна напредок во зајакнувањето на својата законска и институционална рамка за борба против перењето пари и финансирање на тероризмот, но потребно е да направи дополнителни напори за надминување на преостанатите недостатоци, се наведува во извештајот на Комитетот на експерти за евалуација на мерките за борба против перењето пари и финансирање на тероризмот при Советот на Европа (МАНИВАЛ).
Во Извештајот, објавен денеска, се посочува дека земјава остварила подобрувања во својата законска и институционална рамка, особено во согласност со четири клучни препораки од Работната група за финансиска акција (ФАТФ).
– Тие вклучуваат правила за банкарски трансфери, внатрешни контроли и надзор на странски филијали, транспарентност околу тоа кој навистина ги поседува фондовите и слични правни аранжмани и регулирање на финансиските институции – се вели во извештајот.
Од вкупно издадените 40 препораки на ФАТФ, 31 се оценети како „усогласени“ или „во голема мерка усогласени“, а 9 како „делумно усогласени“.
Комитетот посочува дека споредено со претходната евалуација од мај 2023 година, земјава ја подобрила својата усогласеност со стандардите на ФАТФ, при што три од препораките, оние за банкарските трансфери, внатрешните контроли и транспарентноста на правните аранжмани, кои претходно беа оценети како „делумно усогласени“ сега се „во голема мерка усогласени“.
– Сепак, напредокот во надзорот на финансискиот сектор не беше доволен за да се промени неговиот статус и тој останува „делумно усогласен“ – посочува МАНИВАЛ.
Во извештајот се наведува дека некои области, како што се замрзнувањето и конфискацијата на средства од криминални активности, кривични дела за финансирање на тероризам и санкции поврзани со пролиферација, не биле повторно оценувани во овој преглед, бидејќи земјава не побарала ревизија на тие оценки.
Врз основа на препораките од оваа евалуација, земјава по една година треба да поднесе извештај до МАНИВАЛ за понатамошниот напредок во зајакнувањето на мерките за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот.
Комитетот на експерти за евалуација на мерките за борба против перењето пари и финансирање на тероризмот (МАНИВАЛ) е постојано тело при Советот на Европа со надлежност за оценка на состојбите во 32 земји и територии – 28 држави членки на Организацијата, Ватикан, Израел и британските територии Гибралтар, Ман и Џерси.
Ова тело е формирано во 1997 година под името Комитет на избрани експерти за евалуација на мерките против перење пари, а сегашниот назив го носи од 2002 година. Негова задача е да ја проценува усогласеноста со главните меѓународни стандарди за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот и ефикасноста на нивното спроведување, врз основа на што издава евалуациски извештаи со препораки до националните власти за подобрувања на нивните системи.