Клубот на пратенички во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) Канцеларија Скопје и Центарот за интернет, развој и добро управување IMPETUS денеска организираа работна средба и дискусија на тема „Насилство врз жените во политиката и изборите Линија „Биди безбедна“ локални избори 2025 – предизвици и понатамошни чекори“.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на средбата воведни обраќања имале Јована Тренчевска, претседателка на Клубот на пратенички, Весна Ѓорѓиева, заменик-претседателка на Комисијата за еднакви можности и Афердита Хaџијаxа Имери од IFES.
Претседателката на Клубот, Тренчевска изразила задоволство што оваа средба се оддржува денеска на почетокот на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“. Таа информирала дека пратеничките веќе излегле на терен и делеле информативен флаер на граѓаните кој беше изработен на иницијатива на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, со цел директно да ја приближат кампањата и пораката за спречување на насилството врз жените и девојките.
Тренчевска ја поздравила иницијативата на IFES и IMPETUS за безбедност на жените во кампањата и изборните процеси.
– Насилството не е само физичко може да биде во повеќе облици психичко, преку закана, потценувачки коментар итн., овие напади не се само напади врз жените во политиката, туку и врз целата демократија – потенцирала заменик-претседателка на Комисија за еднакви можности, Весна Ѓорѓиева.
Хaџијаxа-Имери споделила дека насилството врз жените во политиката е најсериозна пречка за учество и го нарушува целиот изборен процес.
Лилјана Пецова од IMPETUS – Центар за интернет, развој и добро управување презентирала како функционирала Линијата „Биди безбедна“ за време на локаните избори (26 септември – 25 октомври) 2025 година, каде имало вкупно 6 пријави од кои 3 консултативни, 2 барање за информации и една пријава за социјална мрежа.
По презентацијата следувала дискусија на присутните каде во фокус биле: формите на насилство врз жените во политиката, каде е границата помеѓу легитимната политичка критика и говорот на омраза, дали онлајн-нападите влијаат врз одлуката на жените во однос на нивните кандидатури, каде жена-политичарка може да се обрати и што се случува потоа.
Исто така, како што се наведува во соопштението од Собрание, биле споделени и можните насоки за понатамошна поддршка на жените во политиката, особено во контекст на изборните процеси.



































