Фото: „Нова Македонија“

Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави, реагираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, и нагласуваат дека „наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик“.

-Република Северна Македонија останува доследна на европските правила и на мерит-базираниот пристап кон проширувањето. Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Совет на Европа и Европската комисија. Документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди – се вели во сопштението на македонското МНРиНД по реакцијата на МНР на Бугарија на вчерашната изјава на македонскиот премиер Хрситијан Мицкоски дека „на Бугарија и пречи македонскиот јазик во Акцискиот план за малцинства“.

Процесот на изработка на Предлог-акцискиот план, како што посочуваат од МНРиНТ се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, при што финалната доработка беше интензивирана во последните шест месеци од 2025 година и во текот на целиот процес беа активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата, додека од страна на Советот на Европа и Европската комисија беше нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди.

-Потенцираме дека Република Северна Македонија е препознаена како позитивен пример на европско ниво во примената на правата на заедниците и така ќе продолжи и во иднина. Остануваме цврсто посветени на еднаквоста, инклузијата и ефикасната имплементација на политиките во интерес на сите наши граѓани – се нагласува во соопштението од МНРиНТ.

 

Сопштението следува по реакцијата на МНР на Бугарија на вчерашната изјава на македонскиот премиер Хрситијан Мицкоски дека на официјална Софија и пречи македонскиот јазик во Акцискиот план за малцинства.

Во бугарската реакција се изразува загриженост од, како што се наведува, „најновите тези на властите во Скопје, кои остро отстапуваат од суштината на Европскиот консензус од 2022 година“.

– Прашањето – на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Северна Македонија – е внатрешно за соседната држава и не е тема на билатералните односи. Документот ќе се спроведува токму од нејзините институции кон нејзините сопствени граѓани и логично е да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопје да го претстави нацртот на тој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко објасниво, особено ако се планира Планот да биде реално спроведен – се наведува во соопштението на бугарското МНР.

Од Софија потсетуваат и дека на Акцискиот план треба да му претходи впишување на Бугарите во Уставот, со што, како што посочуваат, ќе му се овозможи на Скопје да ги почне пристапните преговори.

 

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека Бугарија се противи на Акциониот план за малцинствата затоа што е на македонски јазик. Мицкоски кажа дека се случило тоа за што ги предупредил партнерите во Брисел – „дека и најдобриот Акциски план за малцинствата да го направиме, тој ќе биде одбиен од Бугарија“.

– Жалам што уште еднаш ја испуштија шансата дека се добри соседи. Ниту една земја членка нема против, ниту едно малцинство во Македонија нема против, бидејќи имаше јавна дебата. Е, проблем било што бил на македонски јазик. Простете, но мојот мајчин јазик е македонски, официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот, нема друг. Ако некому тоа му пречи, јас тука не можам да помогнам и жалам што тоа е така – рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека се било направено како што било побарано – прифатени сугестиите на експерт од Италија при изготвување на Планот и било исполнето барањето од Брисел „ден однапред да се прати во Бугарија за да се покаже добра волја“.

-Така направивме, го дадовме ден однапред. Е, сега, им пречело што е на македонски јазик. Но, тој е официјален јазик според Уставот и јас или министерот не може да го кршиме Уставот.  Ако тие мислат дека ќе го испратиме на друг јазик, ние немаме друг јазик согласно Уставот. Тоа е македонскиот јазик. Тие уште еднаш покажуваат дека нема врска малцинството или Бугари во Устав. Имаат многу подлабоки корења нивните барања и подлабоки се проблемите и уште еднаш покажуваат дека нивната намера е сосема поинаква – изјави Мицкоски.

Како што рече, Владата сега нема никакви контакти со Бугарија, но дека  „стоиме на располагање било кога и било каде, во која било организација да одиме и да разговараме и да ги претставивме нашите аргументи“.

– Сè ќе прифатиме, нормално не внесување во Устав, сите забелешки ќе ги прифатиме, но јас не можам да се откажам од мојот мајчин македонски јазик – нагласи Мицкоски.