Фото: Пиксабеј

Во деветтата недела од 2026 година, од 23 февруари до 1 март, во Македонија се евидентирани вкупно 767 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, информираше Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Директорката на Институтот, Марија Андоновска, соопшти дека во споредба со претходната недела бројот на пријавени случаи е намален за 31,1 процент. Во однос на просекот од последните 15 сезони, намалувањето изнесува 20,4 проценти.

Според Андоновска, во изминатите недели се забележува континуиран пад на бројот на заболени, што укажува на намалена активност на грипот.

– Во последните недели се забележува тренд на намалување на бројката и можеме да кажеме дека регистрираната инциденца е во рамки на ниската активност – истакна Андоновска на прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања, пренесе МИА.