Владата најави ново намалување на цените на нафтените деривати, кое ќе стапи на сила од вторник, врз основа на анализите на енергетските пазари и очекуваната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, пренесе МИА.
Според најавата, цената на Еуросупер 95 ќе се намали за 1,5 денари и ќе изнесува 82 денари за литар, додека Еуросупер 98 исто така ќе поевтини за 1,5 денари и ќе чини 84 денари. Дизелот ќе се намали за 2,5 денари и ќе се продава по 95,5 денари за литар.
Намалување има и кај другите деривати, па екстра лесното масло за домаќинство ќе поевтини за 3,5 денари и ќе изнесува 96,5 денари, додека мазутот ќе се продава по цена од 49,227 денари.
Дополнително, како што беше посочено, компанијата ОКТА обезбедува попусти од 2 денари за бензините и 3 денари за дизелот, што значи дека реалните цени за дел од потрошувачите ќе бидат уште пониски.
Од Владата нагласуваат дека мерките за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти и усогласувањето на акцизите продолжуваат да важат, со цел да се задржи стабилноста на цените и да се заштити стандардот на граѓаните и бизнисите.
Воедно, беше посочено дека потрошувачката на горива бележи раст, при што во одредени денови достигнува и до два милиони литри дневно, но државата располага со доволни количини за домашните потреби и за зголемената побарувачка од соседството.
Од Владата истакнуваат дека и во наредниот период ќе продолжат внимателно да ги следат пазарните движења и да преземаат мерки за одржување на стабилни и конкурентни цени на горивата.



































