Апелациониот суд од Скопје му ја намали затворската казна од 18 на осум години на возачот Ангелче Николов (28) од Велес, кој минатата година на 17 декември, возејќи пијан на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и тешко ја повреди нејзината мајка, по што избега.
Јавната седница по предметот КЖ-349/23, како што информираат од Апелациониот суд, е одржана на 3 јули годинава, а одлуката е донесена на 10 јули и ќе биде објавена откако ќе биде анонимизирана.
– Одлуката има два дела, пресуда и решение. Пресудата се однесува на првостепената пресуда, која е преиначена само во делот за кривичната санкција и е осуден на единствена казна затвор од осум години, во која му се засметува и времето поминато во притвор од 19 декември 2022, до започнување со издржување на казната затвор. Во останатиот дел пресудата се потврдува. Вториот дел е решение, што се однесува на одбиена жалба против мерката притвор, информираат за МИА од Апелација.
Првостепената пресуда беше изречена во Основен суд Велес од петчлениот Кривичен совет, со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова, во март годинава.
На Николов му се судеше за две кривични дела „Тешки дела против безбедноста на луѓето“ и за „Не укажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ за сообраќајката на 17 декември минатата година во 22:15 часот на пешачки премин близу ОУ „Васил Главинов“ во Велес. Николов по несреќата побегна од местото на несреќата и два дена се криеше од полицијата.