Изминатата година се бележи намален број на склучени бракови, но и на разводи. Според Државниот завод за статистика во земјава биле склучени вкупно 12.882 бракa, што е за 3,4 отсто помалку од претходната година.

Најмногу бракови, 1.851 или 14,4 отсто, се склучени во август, а најмалку во ноември, 761 брак или 5,9 отсто.

Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 93,7 отсто за жените и 93,2 отсто за мажите. Во втор брак со учество од 6,3 отсто и трет брак со учество 0,5 отсто, во вкупниот број на склучени бракови, почесто стапуваат мажите.

Најголем број бракови 4.263 или 33,1 отсто кај жените и 4.721 брак или 36,6 отсто кај мажите се случиле во старосната група од 25 до 29 години.

Просечната возраст, пак, при склучување на прв брак е 27,4 години за невестата и 29,9 години за младоженецот.

И бројот на разводи изминатата година бележи намалување од 17,9 отсто во споредба со претходната година и изнесува 1.613 разведени брака.

Најмалку бракови, 38 или 2,4 отсто во текот на годината се разведени во август, а најмногу 195 или 12,1 отсто во март.

Статистиката покажува дека според возраста, најголем број на разводи 298 или 18,5 отсто кај жените и 281 развод или 17,4 отсто кај мажите се случиле во истата старосната група од 30 до 34 години.

Според траење на бракот, најмногу разводи 360 или 22,3 отсто се случиле од пет до девет години по склучување на бракот.

МИА