Народниот правобранител констатирал зголемување од 20 проценти на покренати претставки за повреда на човековите права и слободи во споредба со минатата година. Најголемо повредување на правата имало кај детските права.
Од покренатите постапки, во 683 народниот правобранител констатирал повреда на човековите права. Како и претходната, така и во 2022 година, трендот на прво место според бројот на поднесени претставки е во областа на правосудството.
-И тоа 534 претставки или 16,64 отсто од вкупниот број претставки. Потоа се потрошувачките права со над 10 отсто, па работните односи, детските права, имотно-правните односи… – изјави народниот правобранител Насер Зибери и додаде дека според констатираните повреди најголем број имало во детските права.
Издвои два примера, каде што е утврден најтежок облик на дискриминација, односно сегрегација во две основни училишта. Едно во Битола и едно во Штип. Се работи за ООУ „Ѓорги Сугаре“ во Битола и ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, каде што има паралелки составени претежно од ромски деца.
-Овие училишта зачестено издаваат согласности за запишување на ученици, најчесто од македонска етничка заедница, во други општински училишта, иако според местото на живеење го опфаќаат реонот на горенаведеното основно училиште. На тоа инсистираат родителите кои не сакаат нивните деца да учат со Роми. Апелирам до овие две општини и училиштата да престанат со праксата на издавање на исписници од училиштата зошто процесот на инклузивност е еден од најзначајните процеси за елиминирањето на дискриминацијата – порача народниот правобранител.
Меѓу другото, го нагласи проблемот со немањето доволно образовните асистенти за учениците со попреченост.
-Дел од нив останаа без поддршка. Се додека за овој проблем не се најде системско и трајно решение, родителите ќе треба сами да се грижат за своите деца или да платат асистенти што е спротивно на конвенцијата за правата на децата – рече тој.