Според резултатите од полагање на државна матура откриени се 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека четорица се фатени како препишуваат по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценување на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им е изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.
Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска рече дека најголем број на прекршување на правилата за полагање на државната матура се констатирани во СЕПУГС „Арсени Јовков“ во Скопје – вкупно 32, потоа во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје каде се изречени 18 мерки, во СОУ „8 Септември“ во Тетово има 14 изречени мерки, по 13 мерки за прекршување на правилата на тестирањето се изречени во СОУ „Методија Митевски – Брицо“ во Скопје и ЦСНО „28 Ноември“ во Дебар. Во СУГС „Цветан Димов“ во Скопје се изречени 12 мерки за остранување од процесот на полагање на Државната матура.
Таа потсети дека учениците кои не го положиле испитот од која било причина во јунскиот испитен рок ќе можат повторно да се пријават во августовскиот испитен рок. Како што посочи, пред да се случи тоа, во понеделник и вторник учениците кои не се задоволни од оценката може да поднесат приговор до училиштата, кој потоа ќе биде проследен до ДИЦ и комисиите за разрешување на приговорите.
– Сите ученици кои не приговараат практично од денес веќе ќе може да ги добијат дипломите во своите училишта. Доколку не приговараат резултатите се конечни. Доколку приговараат ќе почекаат до 16-ти јули да им ги испратиме резултатите по разрешување на приговорите. Од 10-ти почнува периодот на пријавување за августовскиот рок и ќе трае до 18-ти. Потоа, на 12 и 14 август повторно полагаат во августовски испитен рок оние ученици коишто не го положиле испитот во јунскиот испитен рок или коишто од која било причина биле оправдано отсутни – рече Михајловска.