Најмладите учеснички на Илинденскиот марш во Мавровско-Горнореканската коњаница се девојчиња на возраст од 13 и 15 години, а се работи за Андреа Данаиловска од село Зубовце и Матеја Ѓорѓиоска од Кичево.
Девојките потврдуваат дека воопшто немале предрасуди да јаваат на толку долга релација со доминантно присуство на машки коњаници.
– Иако имам само 13 години јас од својата петта година јавам коњ, бидејќи во моето село Зубовце секогаш имавме коњ кој можеше во секој дел од денот да ми стои на располагање. Бидејќи со дел од коњаниците добро се познавам и не беше воопшто проблем да се одлучам годинава за првпат да учествувам на Илинденскиот марш. Секако е добредојдено и присуството и на Матеја Ѓорѓиоска, која од ланската година има одредено искуство, бидејќи учествуваше на Илинденскиот марш – вели најмладата учесничка Андреа Данаиловска.
Нешто повозрасната Матеја Ѓорѓиоска по ланското огнено крштевање, кога за првпат беше дел од кичевската коњаница, годинава одлучи повторно да биде на Илинденскиот марш.
– Бидејќи ланската година постоеше мала дилема дали сакам да бидам дел од Илинденскиот марш или не и откако сѐ помина во најдобар ред посакав и годинава да бидам дел од коњаницата за Илинденскиот марш, а одлуката ми ја олесни и сознанието дека со нас ќе има уште едно девојче. Се надевам дека времето ќе нѐ послужи и сѐ ќе помине во најдобар ред, а јас со претходното искуство, очекувам во сите етапи до Илинден во Крушево да помине според планираното и да почнам да размислувам за учество во коњаницата и во наредните години – нагласи Матеја Ѓорѓиоска.
З.А.