Се воведуваат нови, иновативни лекови, наменети за спречување на прогресија на бубрежната болест. Се разговара за забрзување на процесот на трансплантација на бубрег, откако по коронавирусот имало прекин. Од Фондот за здравствено осигурување велат ќе направат напори да се извршат толку трансплантации колку што е потребно. За ова денеска информираа на настан за Светскиот ден на бубрегот, во организација на Здружението на бубрежно болни граѓани – „Нефрон“.
Доктор Галина Северова од Клиниката за нефрологија во изјава за медиуми рече дека утре ќе се празнува не само Денот на бубрегот, туку и 50 години од постоењето на оваа клиника.
– За среќа, Фондот за здравствено осигурување ни излегува во пресрет секогаш, така што и оваа година, иновативни, нови лекови се воведуваат што се наменети за спречување на прогресија на бубрежната болест што е навистина многу значајно и за нас и за нашите пациенти. Успешноста на нашата работа се гледа по бројот на здрави и пациенти кои нормално функционираат во нашата сфера – подвлече Северова.
Таа информираше дека во моментов има 167 пациенти кои чекаат на листата за трансплантација од починато лице. Северова нагласи дека листата постојано се ажурира.
Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението „Нефрон“, рече дека листата не ја одразува вистинската бројка.
– Во услови кога трансплантацијата од кадавер не е развиена доволно, пациентите на дијализа не се запишуваат на листата за чекање затоа што потребната типизација и испитувањата што треба да ги направат се многубројни, сложени, бараат време и финансиски средства. Минатата година ја завршивме со две кадавери (четири бубрежни трансплантации) и тоа има голем одраз на вербата на пациентите во тоа дека ќе дочекаат орган од листата. За жал, Програмата за трансплантација за 2025 година предвидува пет кадавери што во старт е премалку за потребите и очекувањата на пациентите – смета Ѓоргиев.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски рече дека ќе направат максимални напори за колку е потребно, толку трансплантации да се направат.
– Ќе направиме максимален напор да ја поддржиме Клиниката за колку е потребно, толку трансплантации да се направат. Свесни сме дека тоа е животна промена за пациентите. Истовремено, тоа е и заштеда на средства на друго место. Така што, тоа не го гледаме како трошок, туку како вложување – одговори тој на новинарско прашање.
Клековски рече дека се разговарало како да се обнови и забрза процесот на трансплантација бидејќи со коронавирусот настанал прекин на трансплантациите.
– Посветени сме секое следно одбележување да имаме сѐ помалку пациенти на дијализа, нивниот број да престане да расте – потенцираше Клековски.
Претседателот на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова рече дека Светскиот ден на бубрегот е ден посветен на подигнување на свеста за важноста на одржување здрави бубрези, како и улогата и значењето на превенцијата, раното откривање и лекувањето на бубрежни заболувања.
– Бубрезите се витален орган што игра клучна улога во одржувањето на целокупното здравје. Тие ја филтрираат крвта, ги балансираат течностите, го регулираат крвниот притисок, го поддржуваат производството на црвени крвни зрнца. Сепак, хроничната бубрежна болест бележи тивка епидемија и погодува милиони луѓе ширум светот. Овогодинешната тема, „Дали вашите бубрези се здрави? Откриј навремено и заштити го здравјето на бубрезите!“ нѐ потсетува дека превенцијата е најсилно оружје и дека преку редовни прегледи, избор на здрав начин на живот и рана медицинска интервенција, можеме значително да го намалиме бројот на пациенти со хронични бубрежни заболувања, особено на пациенти кои се зависни од дијализа и на кои им е потребна трансплантација – подвлече таа пред присутните.
Како лекари, додаде, ја носат одговорноста за едукација и затоа мора редовно да ги поттикнуваат и охрабруваат пациентите да ги контролираат ризик – факторите, како што се дијабетес, хипертензија и дебелина.
Во изјава за медиуми, пациентот Ќиро Христовски кажа дека бил трансплантиран пред три ипол години од кадавер. Тој рече дека осум години чекал и маката била голема.
– Кој не бил, не знае. Маката е голема. Секој втор ден зависиш од машините. Одиш на чистење на крвта – сподели Христовски.
Сега се чувствувал многу добро.
– Апел до сите кои се на дијализа да ги направат потребните испитувања, затоа што никогаш не се знае кога ќе ги повикаат за да може да се трансплантира, да им се смени животот и да почнат да пишуваат друга приказна во својот живот – порача Христовски во изјава за медиуми.
По повод Светскиот ден на бубрегот што се одбележува вториот четврток од март низ светот, Здружението на бубрежно болни граѓани – „Нефрон“ во соработка со ограноците на пациенти oд центрите за дијализа и поддржано од здравствените институции, во кампањата за 2025 година реализира низа активности на тема „Дали вашите бубрези се здрави? Откриј навремено и заштити го здравјето на бубрезите!“.
– Во настаните што ќе се одвиваат во текот на месец март ќе преовладуваат едукативни активности за превенција и рано откривање на болеста, осoбено кај ризичните групи од населениетo, едукација на младите и децата, како и поддршка на пациенти на дијализа и со трансплантиран бубрег со справување со лекувањето на болеста. Хроничната бубрежна болест е тивка пандемија на 21. век – посочија од „Нефрон“ на денешниот настан.