Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри – надминување на вредноста од 150  mg /m3 во текот на два последователни денови, е надминат на мерното место – Кичево.

– Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови  на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели – Службен весник на Република Македонија број 183 од 14.12.2017 година – се наведува во соопштението на МЖСПП.

Согласно настанатата состојба, за Кичево важат неколку мерки.

– Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А – интегрирана еколошка дозвола. Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б – интегрирани еколошки дозволи и елаборати. Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци. Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила. Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата. Забрана на горење на отворено – се додава во соопштението.

Се препорачува на сите правни субјекти – работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Потоа, се препорачува на сите правни субјекти – работодавци да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.