Министерството за здравство (МЗ) информира дека од ноември досега, над 61.000 граѓани се вакцинирани против сезонски грип и повторува дека вакцинацијата е најдобра превентивна мерка.
Со бесплатна вакцинација против ова заболување се опфатени ризичните групи – стари лица – над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица.
– Вакцинацијата заштитува и претставува најдобра превентивна мерка што спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Вакцините делуваат, имаат докажана имуногеност и добра ефикасност – се вели во писмената изјава на министерот за здравство Фатмир Меџити.
Од МЗ потсетуваат дека заинтересираните граѓани сѐ уште имаат можност да се пријават за бесплатна вакцинација со пополнување на апликацијата на официјалната веб-страница – https://vakcinacija.mk. Потоа, тие преку СМС-порака добиваат повратна информација за точниот датум, час и место за вакцинација.
Исто така, во центрите за јавно здравје низ државата се врши имунизација против сезонски грип со комерцијалните вакцини.