Фото: Илустрација/Архива

За вакцинација против сезонски грип се пријавени околу 60 илјади граѓани, а досега се вакцинирани над 8 илјади лица – информираат од Министерството за здравство.

Вакцинацијата, како што се наведува во соопштението, се спроведува на вкупно 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет се во Скопје. Сите заинтересирани граѓани можат да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или преку матичниот лекар.

-Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, како што се: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи – велат од Министерството за здравство.

Во организација на Министерството, превентивни тимови од здравствени установи низ државата започнаа со вакцинација против сезонски грип и во домашни услови, на повозрасни и неподвижни лица, како и лица со попреченост.