Два месеца по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани здравствените работници од Клиничка болница во Штип велат дека иако немале искуство при вакви големи трагедии на 16 март успеале да извршат тријажа на над 110 млади луѓе, кои биле транспортирани на Клиниките во Скопје, а потоа и по болниците во странство. Билјана Рогожарска, одговорна сестра за интрахоспитални инфекции, во Клиничка болница-Штип вели дека пред два месеца само еден телефонски повик, толку било потребно да се мобилизира целиот персонал во штипската болница.
– Се мобилизиравме сите, буквално сите што беа во градот, а не се на работа со еден повик се јавија на своите работни места. Функциониравме бепрекорно. Мора да нагласам дека ние претходно не сме имале обуки за елементарни непогоди или вакви тешки несреќи. Ние функциониравме со поглед. Беше тишина, а се се одвиваше екстремно брзо и добро – рече Рогожарска.
Таа вели дека траумите од тој кобен ден никогаш нема да се залечат. Рогожарска вели дека во тие моменти лекарите и медицинскиот персонал морале длабоко да ги потиснат своите чувства и емоции. На тој начин покажувајќи голема посветеност и професионализам на работните места.
– Во самата ситуација и во самиот момент при приемот на болните, немаше емоции, во смисол на стрес, испаниченост, исплашеност. Функциониравме во тишина, без збор. Кај нас емоциите доаѓаат оттпосле. Работевме од 3.30, се до нардниот ден до 12 по полноќ, кога и последниот пациент беше испратен за Скопје – рече Рогожарска, одговорна сестра за интрахоспитални инфекции, во Клиничка болница-Штип.
Со повредените од дискотеката „Пулс“ во Кочани работат физијатри и физиотерапевти од Одделението за физикална терапија, кои одредени денови помагаат и на своите колеги во Општата болница во Кочани.