Фото: МИА

Прашањата поврзани со идентитетот, дури и таму каде што има билатерални спорови, да не се подигнуваат на рамниште на вето и условувања за членство во ЕУ, туку за нив да владее принципот на добра волја, добросовесност и поддршка на другите земји, да се решаваат низ комуникација, низ културен и научен дијалог, низ културна соработка, за да се создадат мостови на пријателство и разбирање меѓу народите. На тоа како наука и уметност мора и треба да влијаеме. Треба да создадеме клима во која ќе можат и политичарите да ги градат тие мостови на соработка – порача денеска академик Владо Камбовски од 13. Конгрес на Меѓународната асоцијација за проучување на Југоисточна Европа (AIESЕE).

Во обраќањето на Конгресот што се одржува во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Камбовски подвлече дека прашањето за националните идентитети, јазици и култура не може да биде предмет на билатерални спорови или на идеолошки различни пристапи зашто, како што напомена, се работи за елементарни, фундаментални човечки вредности.

-Правото на самоопределување на поединците и народите е природно право и тоа не можете да го дискутирате или да го ставате во рамки на некои формални договори меѓу државите – дали ги прзинавате или не ги прзинавате – потенцира академик Камбовски.

Според него, Македонија и Бугарија во однос на спорот засега разговараат на лош начин, само преку еден канал – политичкиот, наместо да ги користат и останатите канали како науката и културата.

– Треба упорно да работиме, да бараме комуникации – научни, културни и други за „очи во очи“ да ги расчистуваме работите. Ние сега сме закопани на две различни страни. Разговараме на лош начин за овие прашања, користејќи го само политичкиот канал кој е само еден од каналите, а го запоставуваме овој, другиот канал. Кога би работел другиот канал кој смета на тоа дека, да речеме, научната средина и кај нас и во Бугарија мора да се држи за своите освештени правила, а тоа е вистината, треба да се бори, и ние, па и Бугарите, за она што е вистина. Не можеме да ја политизираме науката како што има тенденции да се политизира или да се инструментализира за остварување на вакви или онакви цели. Прашањата на спорења за јазици, за корените и слично треба да се остават на науката, таа треба да расправа за нив. Нема прашања кои не може да биде предмет на науката, може да постојат различни стојалишта и постоеле секогаш, па дури и спорења, а има и непрестани спорења стотици години околу одделни прашања во науката – рече Камбовски.

Осврнувајќи се на ЕУ, оцени дека за да ја ревитализира својата политика на проширување, Унијата мора да го усогласи управувањето со кризи со долгорочните стратегии за интеграција, да ја потврди својата посветеност кон земјите-кандидатки и да ја зајакне својата внатрешна способност за привлекување нови членки.

-Затоа, проширувањето не смее да се сведе на бирократски процедури, наметнување услови без рационална основа или употреба на вето од страна на одредени земји-членки за решавање на билатерални спорови. Впечатлив пример е ирационалното вето наметнато од Бугарија кое го оспорува македонскиот национален идентитет, јазик и култура – елементи кои како суштински, фундаментални и универзални човечки вредности не можат легитимно да бидат предмет на политички или билатерален спор. Негирањето на идентитетот како највисок израз на правото на самоопределување на поединците и народите создава опасни преседани што го попречуваат развојот на пријателски односи и комуникации меѓу народите. Негативните последици од таквите негирања стануваат уште потешки кога преку инструментализација на науката тие се прикриваат под маската на академско истражување, со што се нанесува непоправлива штета на самата наука – нагласи Камбовски.

Тој потсети дека ЕУ даде поддршка преку Планот за раст на Западен Балкан и ние треба да ја искористеме таа шанса.

-Треба да ги забрзаме реформите кои се на линија на Копенхашките критериуми за да имаме тука силни аргументи. Ние имаме аргументи за тоа кои критериуми сме ги исполниле, но тие не се доволно убедливи и силни. Имаме партизација, висока корупција, култура на неказнивост, немаме демократски дијалог. Сетоа тоа мора да го подигнеме на потребно ниво за да ја зајакне нашата позиција утре, да се создаде преќутна обврска за другата страна да застане на наша страна, да не поддржи, да каже „па чекајте, вие си играте со држава“. Во спротивно, ако застанеме тука, само ќе им дадеме дополнителни аргументи и на Бугарија и на која било друга земја, утре да користи вето или други пречки за нашиот пат кон ЕУ – истакна академик Камбовски.

Осврнувајќи се на Југоисточна Европа (ЈИЕ), укажа на потребата од што поголема соработка посебно во областа на културата, науката и знаењето за на тој начин, како што нагласи, да се релаксираат постоечките тензии.

-Ние, како регион, проширувањето треба да го поврземе, во прв ред, развивајќи ги односите во областа на културата, науката, знаењето за на тој начин да ги релаксираме тензиите што постојат меѓу одделните држави и нерешените проблеми: има отворени проблеми со подобрувањето на односите меѓу Косово и Србија, фрагментаризацијата на БиХ и ветото од една земја-членка, Бугарија над Република Македонија. Во однос оосбено на ова прашање, ние мораме како наука, уметност да влијаеме и треба да влијаеме таквите прашања кои се поврзани со идентитетот, дури и таму каде што има билатерални спорови, да не се подигнуваат на рамништето на вето и условувања за членство во ЕУ, туку дека треба да владее принципот на добра волја, добросовесност, поддршка на другите земји, а евентуалните такви спорови околу идентитетските прашања да бидат решавани низ комуникација, културен и научен дијалог, културна соработка, за да се создадат мостови на пријателство и разбирање меѓу народите. Да создадеме клима во која ќе можат и политичарите да ги градат тие мостови на соработка, поаѓајќи од тоа дека прашањето за националните идентитети, јазици, култура, не може да биде предмет на билатерални спорови или на идеолошки различни пристапи зашто се работи за елементарни, фундаментални човечки вредности. Правото на самоопределување на поединците и на народите е природно право и тоа не можете да го дискутирате или да го ставате во рамки на некои формални договори меѓу државите – дали ги прзинавате или не ги прзинавате – рече Камбовски.

На отворањето на Конгресот се обрати и заменик-претседателот на МАНУ Витомир Митевски. Тој порача дека во време кога светот минува низ голема трансформација и низ значајни економски и политички промени, регионот треба да ги задржи заедничките врски.

Меѓународната асоцијација за проучување на Југоисточна Европа (AIESЕE) е формирана во 1963 година, со седиште во Париз. Функционира под покровителство на УНЕСКО и во неа членуваат сите држави од Југоисточна Европа со свои национални комитети. Конгресите на AIESЕE се одржуваат секои пет години, а Скопје годинава прв пат е домаќин. 13. Конгрес ќе трае од 15 – 19 септември и го организира Македонскиот национален комитет на AIESЕE при МАНУ.