Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции го презентираше напредокот во рамки на Реформската агенда, вклучувајќи клучни закони и политики кои се во согласност со европските стандарди и кои придонесуваат за побрза интеграција на нашето општество кон Европската Унија.
Андоновски информира дека досега се донесени четири закони кои се во надлежност на Министерството за дигитална трансформација.
– Имам од една страна предизвикувачка задача, а од друга страна малку полесна од останатите колеги, затоа што станува збор за навистина комплексни закони и промени во однесувањето и на институциите и на јавната администрација, но и во приватниот сектор, но во исто време ова не се политички прашања. Многу често се прашања за севкупен напредок на македонското општество. Станува збор за измени на четири закони, односно донесување на два целосно нови закони и измени и дополнувања на два други закони. Првиот закон на кој сум особено горд е Законот за безбедноност на мрежи и информациски системи. Тој потекнува од нашата прва задача во реформската агенда. Тоа е воспоставување на сеопфатна рамка за сајбер безбедност. Првиот елемент веќе го завршивме со успех и тоа беше дел од нашиот прв ангажман. Ја донесовме националната стратегија за сајбер безбедност целосно усогласен со нашите европски и евро-атлантски пријатели кон крајот на декември 2024 година. Ние сме единствената држава која што за жал сите овие години нема донесено ваков закон. И ова е првпат поставување на оваа законска рамка за сајбер безбедност. Овој закон е во владина процедура и е усогласен со НИС 2 Директивата и сѐ уште е достапен како нацрт верзија на ЕНЕР. Финалната фаза очекувам да биде подготвена до наредната недела и донесена на Влада – рече Андоновски на дебатата за Статусот на реализација на Реформската агенда на Република Северна Македонија (2024-2027), идни чекори и предизвици.
Вториот закон, како што потенцира, целосно нов законот за електронски комуникации кој што се усогласува со КОД Директивата на Европската унија и кој треба да го овозможи и да го олесни поставувањето на дигитална инфраструктура.
– Направивме дополнителен напор за измени во Законот кои се донесуваат на наодите на Уставниот суд за да не се доведеме во ситуација да настане некој вакуум со поништување или укинување на одредби на Уставниот суд кои беа во врска со Законот за електронски комуникации. Очекувам овој Закон во почетокот на јуни да влезе во собраниска процедура – рече тој.
Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги ќе значи овозможување на електронски идентификација на граѓаните.
– Ова е навистина важно затоа што ќе ни овозможи создавање на дигитален паричник, кој ќе значи дека сите документи на граѓаните ќе можат да бидат достапни во електронски формат, а потоа да воведеме и електронско дигитално потпишување за граѓаните – рече Андоновски.
Четвриот закон е Законот за архивска дејност, кој, како што нагласи Андоновски, не е усогласување исклучиво само со ЕУ директива или регулатива, туку станува збор за овозможување на електронско архивирање.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани денеска на седницата порача дека Реформска агенда за периодот 2024 – 2027, која произлегува од Планот за раст за Западен Балкан повеќе не е документ на хартија, туку дневна обврска на институциите и техничка рамка на конкретни реформи во повеќе сектори. Муртезани истакна дека повеќе не сме држава која само ја планира европската интеграција, туку ја спроведува истата.
– Денеска зборуваме од позиција на конкретни резултати. Зборуваме од позиција на искуство, одлучност и структурирана работа која ја трансформира реалноста. Северна Македонија повеќе не е земја што само ја планира европската интеграција, ние веќе ја спроведуваме. Нашата Реформска агенда за периодот 2024 – 2027, која произлегува од Планот за раст за Западен Балкан, веќе не е документ на хартија, таа е дневна обврска на институциите, мапа на движење на политичката визија и техничка рамка на конкретни реформи што го менуваат начинот на функционирање на јавниот сектор, деловната заедница, судството, образованието и енергетиката. Северна Македонија веќе го доби признанието од Европската Унија како прва земја од регионот што доби предфинансирање согласно Планот за раст. Тоа не е симболичен гест, туку директно признание дека оваа Влада знае како да креира, презентира и спроведува реформи кои се кохерентни, кредибилни и мерливи – истакна Муртезани.
Антони Пешев од Стопанската комора нагласи дека Министерството за дигитална трансформација треба да продолжи во правец на реформите со двојно поголема брзина не заради тоа што на Македонија и требаат реформи само заради влез во ЕУ, туку, како што рече, заради тоа на земјава и требаат реформи веднаш заради функционирање на државата како функционално тело.
– Ние сме единствената држава во светот во кое ако нешто не е регулирани, тогаш тоа е забрането. Секаде во светот, ако за да биде нешто забрането треба да биде регулирано. Само тоа што е регулирано, тоа е забрането. И заради тоа сме влезени во замка која во овој момент ја стават администрацијата над секоја иницијатива која постои во државата. Не слушнав, досега покрај она што судството ние во очајна состојба, што јас не сакам да говорам, мислам дека клучниот сегмент во оваа држава е да пробаме да се извлечеме од канџите на администрацијата која не гуши жестоко. Јас мислам дека имаме предимензионирана администрација, која има многу силни овластувања, која додатно на целата работа си дозволува покрај законските права кои ги има да ги надополни со уредби кои немаат законска важност – рече Пешев.
Апелира надлежните институции во земјава да не ги прекинуваат реформите, туку да ги мултиплицираат, да ги забрзуваат и да се регулираат.
– Мислам дека администрацијата не уби и тоа е главниот извор за корупција кое е едно од точките за нашето невлегување во ЕУ. Кога ќе прифатиме да ги внесеме Бугарите во нашиот Устав, ќе се отвораат другите прашања во корупцијата ќе биде многу високо во таа агенда. А корупцијата повеќе од се доаѓа од начинот на кој ги спроведуваме законите. Да пробаме државата да ја направиме добро место за живеење биле или не биел во ЕУ, затоа што знаете колку пати ми е кажано уште ова и ќе бидеме членки на ЕУ. Еве не се случува. Сега една членка не сака да не прими. Која е гаранцијата дека задутре некоја членка тоа нема да го направи, а ние мора да имаме функционална држава која ќе работи и без ЕУ. Ние треба сериозно да ја сфатиме работата и да почнеме интензивно да работиме точка по точка како оваа држава да ја направиме за нас, а после ќе биде прифатено од сите други – рече Пешев.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче нагласи дека овој совет е одлична можност и платформа да се обединат капацитетите на сите чинители во државата, не само политичките партии,и граѓанскиот сектор, универзитетите, науката, разните фондации кои имаат учество во овој процес. Смета дека со обединување на капацитетите, евроинтегравниот пат може да се забрза квалитетот на тој процес да се зголеми имајќи ја предвид експертизата на сите кои можат да дадат свој придонес.
– Целта е навистина конструктивно,. Идејата е добра. Се надевам дека ќе успееме да ја развиеме таа платформа. На интегративниот пат имаме многу предизвици. А еден предизвик е политичкиот консензус во однос на процесот околу уставните измени. Јас излегов со еден предлог за лидерска средба пред неколку дена која идејата ми беше да се поразговара за неколку работи кои што сметам дека лебдат и бараат соодветно и заедничко толкување. Прво е дел од протоколите во францускиот предлог, околу работата на историската комисија, толкувањето дали е или не е причина за да се запрат преговорите во даден момент, потоа можноста да можеби работата на историската комисија се надгради со присуство на експерти од други земји како Германија, Полска и Австрија кои имаат искуство во таква работа во нивните земји и што повеќе се избегне субјективизмот во работата на таа комисија. Нема да престанам во тој дел да бидам конструктивен и да изнаоѓан предлози, предлог решенија како заеднички би можеле тој дел од евроинтегративниот пат да го откочиме – рече Филипче.
Пратеникот на „Европскиот фронт“, Илир Демири се заблагодари на присутните амбасадори на Полска и Франција за поддршката која им ја даваат на нашата држава кон патот во ЕУ. Демири потенцира дека процесот на интегрирање на земјата кон ЕУ е блокирана и нема интерес за прогрес за реформи во земјава.
– Реформската агенда го истакнува ангажирањето на Северна Македонија за спроведување на успешните реформи за да се комплетира процесот за интеграција во ЕУ. Процесот на билатералниот скирнинг започна во 2022 година со отворање на преговорите за членување. Овде имаме клаузула која треба да измена во Уставот и внесување на Бугарите во Уставот за отворање на подглавјата. Со ова подразбирам дека процесот на интегрирање на земјата кон ЕУ е блокирана и нема интерес за прогрес за реформи во земјава. Каде застанавме со реализирање на Реформаската агенда, главните предизвици коишто ова го попречуваат Реформската агенда, Северна Македонија сега 15 години е кандидат за членство во ЕУ. Забрзување на конвергенцијата на економско-социолошкиот дел е со државен интерес и ќе донесе многу бенефиции за интеграција на заедничкиот пазар и ова е значителен предизвик за Македонија каде што бара голема реформа и не само структурни измени. По Политичката поларизација и недостиг на консензус околу уставните измени за отворање на поглавјата со ЕУ, одржливоста со внатрешните кои придобиваат од оваа статус-кво секогаш ги попречуваат реформите, иако барањата од народот се што побрз влез во Европската унија. Ова е и државен интерес на Македонија. Спроведувањето на овие барања, како што се бугарските барања за идентитетот и промена на историјата и каде застанавме со реализација на агенда кои што се предвидени за реализирање на овој проект. Ние сме условени со измена на овие пакети, со финансискиот дел и со грантови – рече Демири.
Халил Снопче, пратеник на Алијансата за Албанците нагласи дека добро е да се слушне кога има оптимизам и кога се дискутира за вакви изјави оти се реализираат реформите, се прави подготовка на закони. Посочи дека овие дискусии се многу неопходни, но без никаков ефект и вредност ако, како што рече, ние не ја отвораме темата и не дискутираме сериозно за уставните измени и за потребата за консензус.
– Минатата недела или пред десет дена, имавме можност да слушнеме на директен начин од највисоките претставници Антонио Кошта, кој на експлицитен начин ја кажа директната порака на премиерот Христијан Мицкоски – „Друг договор нема. Треба да го реализирате тоа за што сме договориле. Друга алтернатива за европскиот пат не постои. Треба да ја реализирате реформите и уставните измени за да одите напред“. Господинот Кошта како највисок претставник од меѓународната заедница освен што побара реализација на реформите, на директен и експлицитен начин тој ја потенцираше потребата за уставните измени. Министерот за здравство Арбен Таравари го изрази неговото несогласување поради неисполнување на реформите и поради неизменување на Уставот, тој поднесе оставка. За продолжување на работите, треба уставни измени. Ова е една конукција, не одат една без друга. Џабе зборуваме и за реформи и за агенда, нормално дека се многу значајни, но ако на почеток не даваме сигнал дека сме подготвени да ги извршиме овие уставни измени, замислете пред една година бевме многу поблиску до уставните измени, отколку сега сме после новата владата – рече Снопче.
Муртезани во одговор на Снопче, нагласи дека имплементацијата на Реформската агенда за уставните измени не треба да се ефектуираат. Потенцира дека апсолутно тоа не е вистина. Посочи дека многу членки на ЕУ, Планот на проширување не го поврзале со билатерални прашања. Мутрезани посочи дека овие два процеса одат во ист правец, но не се поврзани.
Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека многу е разочарана кога ќе слушне дека на една ваква комплексна дебата од лидерот на опозицијата добиваат порака во која што не само што ќе ја прошириме агонијата со историските комисии, туку ќе ги надградиме со уште нови идеи кои, како што рече, се ставаат на маса без да се видат сите консеквенции, а на тој начин ги рушат дигнитетот на македонската наука и на македонските научници и истражувачи.
– Не можам да се сложувам и како универзитетски професор и како политичар, да дискутираме со политички речник нешто што се третира како академија и научен мисловен процес. Таквите процеси се работат на научни конференции и собири. Се работат онаму каде што науката го има последниот збора, а не политиката, бидејќи политиката може да биде стручна, активна само онаму во доменот каде што е дозволено да се управува во одреден мандат со државните прашања. Она што се однесува на емоцијата, на науката, на традицијата, тоа се прашања кои што треба политиката што подалеку треба да ги држи своите раце. Се додека политиката се меша во овие прашања, имаме комплексни проблеми и ќе имаме тунел без излез – рече Василевска.
Пратеничката на Движењето ЗНАМ, Весна Бендевска истакна дека за нив многу е важно да станеме рамноправна членка на ЕУ под еднакви услови како што станале членки сите останати земји со почитување на критериумите од Копенхаген.
– Ниту една земја-членка во своето пристапување не била жртва на билатерални спорови. Она што го бараме е истите услови да важат и за нас. Само и само да го задржиме еланот на нашите граѓани и во летот да се приклучат кон европското семејство каде што припаѓаат, не само географски туку и ментално и во сите други насоки. Да немаме забуни, и нашиот став околу уставните измени многу пати е афирмиран и ќе го повторам – ние бараме билатералните односи да не бидат основа на која некој ќе не натера да го менуваме Уставот – рече Бендевска.
Филипче на почетокот на седницата на Националниот совет за евроинтеграции изрази жалење што не е присутен министерот за правда Игор Филков кој, како што рече, и покрај тоа што е еден од клучните министри и одговорен за работата на Реформската агенда, многу важните закони од областа на правосудството и покрај навременото укажување одлучи да не дојде на седницата.
– Сметам дека тоа е непочитување кон оваа институција – Национален совет евроинтеграции. Не можат институциите да се приватизираат. Тој има одговорност да дојде во законодавниот дом и да го каже тоа што е приоритет за граѓаните и државата – рече тој.
И пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски упати критика за отсуството на министерот Филков. Потенцира дека обврска на министрите е да присуствуваат во работните активности на Собранието.
– Го поздравувам присуството на двајцата министри на денешната седница бидејќи како што рее, со ваквото присуство човек може да одговара и на критика, совет и на пофалба и предлог за решавање за одредени предизвици. Не може двајца министри да имаат време да бидат присутни, и премиерот истовремено да биде присутен на надзорната расправа во Собранието, а еден друг нивен колега министер да биде отсутен по не знам кој пат. Сметам дека и вие во Влада малку да поразговарате со другите колеги министри да имаат предвид дека нивна обврска е, не е избор или факултативна задача, обврска, да бидат присутни пред Собранието – рече Милошоски.