Фото: ГШ

Армиска делегација предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од денеска се наоѓа во повеќедневна работна посета на Вооружените сили на Соединетите Американски Држави.

За време на престојот во САД, генералот Лафчиски во Пентагон во Вашингтон ќе оствари средба со заменик-претседавачот на Здружениот Генералштаб на Вооружените сили на САД, генерал Кристофер Махони – соопшти Генералштабот.

Во рамки на посетата, армиската делегација ќе присуствува и на свечената церемонија на примопредавање на должноста командант на Националната гарда на сојузната држава Вермонт, помеѓу генерал-мајор Грегори Најт, кој заминува во пензија, и новоименуваниот командант, генерал-мајор Хенри Хардер.

Работната посета опфаќа и повеќе средби со високи воени претставници од Пентагон и Националната гарда на Вермонт, како и обиколки на значајни воени капацитети. Целта е понатамошно зајакнување и унапредување на стратешката одбранбена соработка меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.