Продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. На денешното рочиште прв сведочеше Музафер Каришиќ, како сведок предложен од обвинителството.
-Од моментот кога имаше пријава за исчезнато девојче јас бев информиран од страна на началникот на СВР Скопје, имав ингерецнии да ги координирам службите. Доцна ноќта вечерта се вклучивме и ние како старешини, бидејќи се појавуваа написи дека девојчето е киднапирано. Првата средба со родителите на Вања беше на денот на пријавување во вечерните часови. Тогаш ние директно се вклучивме во работата, отидовме да видиме што е сработено и што да се преземе. Тогаш родителите за прв пат ги видовме. Мајката беше посталожена. Првиот впечаток за таткото беше чуден за мене но и за колеги, после разговорот анализиравме беше конфузен, потиштен во многу изјави и многу работи кои ние го прашувавме – рече Каришиќ, кој тогаш бил Помошник началник на СВР Скопје за криминалистички работи.
Во продолжение, тој зборуваше и за потрагата, што се одвивала заедно со таткото и роднина на семејството Ѓорчевски. Најнапред отишле во Капиштец, во еден од семејните станови.
-Мајката бараше да се оди, да се прави претрага, но тој рече дека веќе бил таму и нема зошто да се оди. Јас инсистирав и отидовме. Станот беше во Капиштец, влеговме во подрумските простории, гаражата, се качивме со лифт во зградата, станот го отворивме со клучеви, баравме дали има некакви детали, но Александар цело време велеше дека ќерка му е киднапирана и бараше да се преземат други мерки. Тоа траеше 5-10 минути во станот, баравме да не се сокрило девојчето некаде, потоа се вративме во возилото. Јас се јавив и барав информации кој дел не е пребаран, ми кажаа дека Капиштец, и ние тргнавме да пребаруваме.
По пат цело време велеше, џабе одиме, џабе тука бараме, ама ајде ќе одиме. Остана во возилото, запали цигара и не излезе. Тогаш се запрашавме зошто не излегува од возилото како татко да бара. Го прашав зошто не излезе, повторно имаше конфузија, и пак рече, таа е киднапирана, таа е убиена, џабе тука бараме – сведочеше Каришиќ.
Откако и на Средно Водно се повторила истата слика, началникот разговарал со роднината, прашувајќи се зошто таткото не излегува од возилото. Роднината одговорил дека го прашал Александар зошто така мисли, дека девојчето е киднапирано, дали должи некому, дали има некои проблеми, закани, но тој негирал.
Обвинителот потоа праша дали таткото навел некоја причина зошто таткото мисли така?
-Го прашувавме дали има долгови, дали е некој функционер, зошто не помислува на нешто друго, на пример дека девојчето е во пубертет затоа што е 14 годишна и дека може нешто друго да се случи. Мајката беше умерена. Ние ја прашавме дали Александар секогаш вака се однесува, и таа немаше одговор. Ја прашавме и мајката дали има долгови… Не, не, не… Ни беше чудно зошто таткото имаше помисла дека е убиено детето, а немаше нешто друго – изјави сведокот Каришиќ.
Нов момент на денешното рочиште е и фактот дека нов адвокат ќе го брани првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо. На денешното рочиште во судницата се појави со адвокатот Јовица Страшевски кој заедно со адвокатот Марјан Витановски ќе го бранат Палевски на судењето.