Техничкиот премиер Талат Џафери денеска на прес-конференција, во врска со протестите на пет државни универзитети, кажа дека на закажани избори не се потпишуваат колективни договори и оти протестите се користат за дневно-политички цели.
Тој појасни дека секој има право на протест и штрајк, но оти решението за оваа ситуација, како што кажа, ќе се бара по изборите.
Членовите на синдикатите на петте државни универзитети „Гоце Делчев“- Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Државен Универзитет во Тетово, „Св. Апостол Павле“ и „Мајка Тереза“ во Скопје во понеделникот на мирен протест побараа потпишување на колективен договор на овие универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје. Тие го поздравија потпишувањето и спроведувањето на колективниот договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, но истовремено укажаа на нееднаквиот статус на останатите пет јавни универзитети во земјата. Сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто.
-Решението е да се чека да се завршат изборите. Собранието е основач. Собранието ниту е политичка партија, ниту е личност. Собранието е државна институција и тоа највисок орган. Во кој било формат после изборите продолжува процедурата започната по однос на барањата. Кој и да е претседател на Собранието и кој и да е составот на наредното мнозинство ќе мора да го овласти претседателот на Собранието затоа што актуелниот после избори физички нема време тоа да го прави. Во време на избори не може да пристапи кон ова, значи решението е да продолжи постапката по изборите. Имајќи предвид дека искуствено оние слабости што ги имаше барањето на УКИМ веќе се надминати затоа што имаа сите примерок од содржината како треба да изгледа целината на договорот го имаа од УКИМ како пример, им го дадов уште таму кога беа кај мене, така што полесно ќе може да се заврши процедурата – рече Џафери.
Вели дека тие не биле дискриминирани, бидејќи немале формирано навремено синдикати.
-Немаа синдикати, затоа што дел од професорите беа по инерција членови на синдикати, општи синдикати во МОН. И кога виделе на примерот на УКИМ коишто земале и читале закони па требале да имаат самостоен синдикат како самостојна институција, на тој пример. Значи, како се дискриминирани? Колку време постојат универзитетиве, најновиот е УНК – значи Универзитетот „Мајка Тереза“. Па зошто не формираа навреме синдикати да имаат како што ги формираа после кога им укажав дека треба да прават тоа – рече тој.
Пратеникот Арбр Адеми вчера изјави дека пратениците од владејачкото мнозинство до Собранието поднеле измени на Законот за високото образование, со кои, се очекува, да се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи. Тој очекува дека законот да биде донесен во текот на оваа недела на пленарна седница.
-Имајќи предвид дека изборите се распишани, а претседателот на Собранието иако сака, но членот 8а од Изборниот законик забранува потпишување на колективни договори. Наоѓајќи се во таква ситуација кога не може да се потпише колективен договор со другите универзитети, ние пратениците од владејачкото мнозинство презедовме иницијатива тие членови кои се во Колективниот договор што Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ го склучи со претседателот на Собранието во декември 2022 година, да бидат внесени овде со помоќен правен акт – со закон и кои одредби ќе важат за сите јавни универзитети. Во предложениот закон е наведено и дека овој закон ќе стапи во сила осмиот ден од објавувањето во Службен весник, што значи дека ќе стапи во сила во текот на овој месец – истакна Адеми изразувајќи надеж дека овие законски измени ќе ја добијат поддршката од сите пратеници во Собранието.