Фото: Пиксабеј

По повод Светскиот ден на бубрегот, Фондот за здравствено осигурување на Македонија учествуваше на настан организиран од Здружението на пациенти со бубрежни заболувања „Нефрон“, на кој беа претставени активности за подобрување на здравствената заштита и квалитетот на живот на пациентите со бубрежни заболувања.

Од Фондот информираа дека се работи на неколку значајни чекори насочени кон подобра поддршка за пациентите, меѓу кои олеснет пристап до постојните лекови преку нивно вклучување на Позитивната А-листа, како и анализи за воведување современи и иновативни терапии за третман на хронична бубрежна болест.

Како што беше посочено, се разгледува и обезбедување хемодијафилтрација според медицински индикации без ограничувања по основ на квоти, како и засилување на поддршката за трансплантација на бубрези, која се смета за најдолгорочно решение за пациентите со бубрежна слабост.

Фондот најави и иницијатива за поголема мобилност на пациентите на дијализа, со можност тие да користат дијализна терапија и во странство, што ќе им овозможи полесно патување без прекин на неопходната терапија.

На настанот се обрати и заменик-министерот за здравство Јовица Андоновски, кој посочи дека се работи на унапредување на програмата за трансплантација, вклучително и проширување на кругот на роднини кои можат да бидат живи дарители, како и поедноставување на процедурите за кадаверични трансплантации.

Во меѓувреме, Фондот спроведе и контрола на 20 приватни центри за дијализа во земјава, прва ваква контрола од 2019 година.

Во овие центри има вкупно 461 дијализно место, ангажирани се 24 специјалисти, 46 лекари по општа медицина и 224 медицински сестри и техничари. Во текот на 2025 година таму биле лекувани 1.744 редовни и 413 нередовни пациенти.

Контролата покажала висок степен на почитување на договорните обврски и медицинските протоколи, при што кај најголемиот дел од пациентите се постигнати стандардните медицински параметри за успешна дијализа.

Од Фондот посочуваат дека остануваат посветени на подобрување на здравствените услуги и на квалитетот на живот на пациентите со бубрежни заболувања, во согласност со мотото на годинашното одбележување – „Бубрежно здравје за сите“.