На страниците на „Нова Македонија“ објавуваме ексклузивна летна рубрика посветена на здравјето и безбедноста во најжешкиот период од годината. Преку совети од лекари и стручни лица, читателите ќе добијат практични информации за заштита од високи температури, правилна хидратација, избор на здрава и безбедна исхрана, безбедност при патувања и престој на плажи, како и за превенција од сезонски ризици и инфекции
Здраво и безбедно на високите температури: Летен серијал во „Нова Македонија“
Заштита од сонце
Користете крем со висок СПФ-фактор (30+), особено ако сте изложени на сонце подолго време.
Носете капа, очила за сонце и лесна облека.
Не излегувајте на сонце во периодот од 11 до 16 часот. Изгорениците можат сериозно да го уништат одморот.
Сонцето и водата ја зголемуваат изложеноста на УВ-зраци. Квалитетни очила за сонце со УВ-заштита не се само добар моден додаток туку и добра заштита за очите.
Избегнувајте прекумерна физичка активност на жешко време
Вежбање или играње спортови на сонце може да доведе до исцрпеност и дехидратација. За физичка активност, избирајте ги раните утрински или вечерни часови.
Хидратација
Пијте вода, но избегнувај алкохол во текот на денот, бидејќи ја зголемува дехидратацијата. Безбедност при капење
Не влегувајте во вода нагло без да се приспособите на температурата! Водата секогаш има пониска температура, влегувајте постепено.
Почекајте барем 30–60 минути по оброк пред да влезете во вода.Тоа го намалува ризикот од грчеви и потенцијално давење.

Внимавајте на инфекциите!
Избегнувај капење ако имате отворени рани – морската вода може да предизвика инфекции.
Туширајте се по излегување од море, особено ако водата е загадена или има алги.
Облечете суви алишта веднаш по капењето за да избегнете иритации или инфекции.
Храна, вода и лична хигиена
Јадете во проверени ресторани и внимавајте на свежината, особено на морската храна. Избегнувајте улична храна со сомнителен квалитет.
Мијте ги рацете редовно со топла вода и сапун, најмалку 20 секунди и носете антисептичен гел со себе.
Пијте амбалажирана вода ако не сте сигурни во квалитетот на локалната, не секогаш водата што ја пијат локалните жители е безбедна и за вас.
Д-р Давор Стевчески, доктор по општа медицина во Прима-мед при Ре-медика
Општи препораки од Институтот за јавно здравје
Граѓаните да се информираат за потенцијалните ризици во подрачјето каде што патуваат
Кога станува збор за патувањата, од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) препорачуваат граѓаните да се информираат за општата здравствена состојба, заразните заболувањa и за потенцијалните ризици по здравјето во подрачјето каде што се планира да се патува.
– Најмалку еден месец пред да заминете на планираното патување проверете ги препораките за профилактична терапија – на пример лекови за маларија и/или вакцинација – на пример против жолта треска, во подрачјето во кое планирате да патувате. Осигурете се дека сте ги примиле вашите рутински вакцини, особено бидете во тек со вакциналниот статус на децата со кои патувате. Доколку имате потреба од дополнителни сознанија, консултирајте се со вашиот избран лекар или со надлежниот центар за јавно здравје. Подгответе ја вашата „здравствена чанта“ – сет за прва помош, лекови за хронична терапија – доколку има, антипиретици, аналгетици, лекови за гастроинтестинални проблеми и сè што мислите дека можеби е тешко да се најде во вашата дестинација – пишува на веб-страницата.
Задолжително да се понесат средства за заштита од инсекти, крем за сончање со заштитен УВ-фактор над 30, алкохолни дезинфекциони средства и здравствената книшка. Од ИЈЗ нагласуваат дека доколку се следат четири правила, може да се намали веројатноста од инфекција.
– Користете репеленти. Нанесете репеленти – средства што одбиваат комарци, за тропски области, на пример на база на ДЕЕТ 30 – 50 отсто или icardine, на непокриените делови на кожата од телото, избегнувајќи ги слузниците – очи, нос, уста – дење и ноќе, внатре и на отворено. Користете ги строго според упатствата на производот. Запомнете: репелентот треба да го нанесувате доволно често во зависност од потењето и изложеноста на вода – по капење, пливање, нанесете го по користење препарати со заштитен УВ-фактор – кога се користат истовремено, бремени жени, доилки и деца постари од два месеца не треба да користат репеленти на база на ДЕЕТ или икардин, имајте доволно резерви на репеленти поради можен недостиг – е првото правило на ИЈЗ.
Второто е носење соодветни облека и обувки за време на патувањето.
– Облеката треба да биде во светла боја, со долги ракави и ногавици, а секогаш кога е можно, носете чорапи и чевли за да биде покриен што поголем дел од површината на телото. Имајте на ум дека комарците касаат дење и ноќе, на отворено и на затворено. Комарците што ги пренесуваат инфекциите со зика, денга и чикунгуња се најактивни во текот на денот и во самрак, а комарците што пренесуваат маларија се најактивни во приквечерието и навечер – нагласуваат од ИЈЗ.
Трето правило, според институтот, е да се користат заштитни мрежи, или граѓаните да одмораат во климатизирани простории.
– За време на патувањето, спијте и одморете се во климатизирани простории или во простории со заштитни мрежи на прозорците и вратите. Доколку спиете на отворено или во простории незаштитени од комарци, задолжително спијте под заштитна мрежа за спиење натопена со инсектициди – препорачуваат од ИЈЗ.
И последното, но, не и помалку важно, доколку граѓаните се разболат, да побараат медицинска помош.
– Ако за време на патувањето развиете треска – 38 Целзиусови степени и повеќе, или други симптоми, побарајте медицинска помош. Маларијата и другите тропски болести можат да бидат сериозни и треба веднаш да се лекуваат. Останете безбедни за време на активности на вода. Ако вашите летни патувања вклучуваат активности на вода, бидете внимателни кога пливате, пловете или нуркате, особено во земјите каде што службите за итни случаи можеби не се брзо достапни или нема спасувачи. Избегнувајте пливање во реки. Инфекциите како што се шистозомијаза и лептоспироза се пренесуваат со контакт со слатка вода – пишува на веб-страницата.
Наведено е дека граѓаните треба да бидат внимателни дали местото ги има следните карактеристики: присутност на бариери што го контролираат пристапот до вода, безбеден простор за деца од претшколска возраст, дали има спасител на плажата и дали има систем за информирање за квалитетот на водата за капење, а просторот за капење треба да биде осигурен и безбеден за пливање за сите категории на граѓани, со соодветна означеност на безбедната длабочина. Поставување и спроведување безбедни прописи за пловење, превоз на патници вклучително и носење лична опрема за безбедност – елек за спасување.
– По враќањето од летни патувања, ако се разболите во рок од три недели, задолжително кажете му на вашиот лекар каде и кога сте патувале и кога сте се разболеле. Кај лица што развиваат симптоми на зика, маларија и друго, неопходно е да се спроведат мерки за заштита од каснување од комарци – заштитни мрежи за кревети, прозорци и врати. Доброволното дарување крв се одложува за одредено време по враќањето – нагласуваат од институтот. Р.Н.М.