Фото: ЗНМ

ЗАВРШИ КАМПОТ ЗА МЛАДИ НОВИНАРИ ВО ОХРИД

Амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Калиан Вал и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, им ги врачија сертификатите на дваесетина млади новинари за успешно завршување на обуките од петдневниот Камп за безбедност на млади кој се одржа од 8 до 12 јули во Охрид.

Софија Бислимоски е студентка по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, која вторпат е учесничка на овој камп.

– Како млада новинарка, која се наоѓа на самиот почеток на својата кариера, сметам дека знаењата од овде, се од круцијално значење за мене. Вештините со кои што се стекнав се практично применливи. Покрај што научив вештини за новинарство, научив за личната и за дигиталната безбедност – вели Бислимоски.

За етиката и безбедноста во новинарството говореше претседателката на Советот за етика во медиумите, Леунора Калиќи, извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски ги претстави меѓународните стандарди во однос на заштитата од таканаречените СЛАПП тужби, а за личната, и дигиталната безбедност во редакцијата зборуваа новинарите Среќко Поповски и Владимир Мирчевски.
Низ личи исксуства, за сексизмот, онајн заканите и културата на замолчување предаваше новинарката Маја Јовановска.

Фото: ЗНМ

За важноста на внатрешната безбедност односно менталната отпорност во новинарството, предаваше новинарот и водител Огнен Јанески, претседател на Советот на честа при ЗНМ и еден од обучувачите на кампот.

– Сакам да им воочам на младите новинари дека, доколку сами не се грижат доволно за себе, тоа значи дека не би можеле да се грижат ниту за информацијата и за нејзиниот пренос кон публиката. Младите генерации имаат многу поширока форма на сфаќање на нештата и подообро ја разбираат важноста на менталното здравје. Сепак кај многумина медиумски работници без разлика на нивната возраст постои срам од барање психолошка помош, а се знае дека не постои медиумски работник кој немал потреба од помош, токму заради карактерот на професијата – констатира Јанески

Во деновите на обука, свои излагања имаа и главниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, раководителката на секторот за односи со јавност во ОЈО, Билјана Арсовска и началникот на секторот за односи со јавност при МВР, Гоце Андреевски.

Целта на нивните излагања беше да се претстават двете страни во однос на создавањето на информацијата и важноста од меѓусебната соработка во интерес на јавноста, но и да се претстават механизмите кои ги овозможуваат овие институции со цел заштита на новинарите.

Покрај сесиите, преку панел дискусии, интерактивни предавања и обуки, но и модули за ментално здравје, отпорност и безбедност, како дел од практичната обука спроведена од тренерите Нами Исаки и Огнен Јанески, младите новинари учествуваа во симулација што ги поставува во загрозена безбедност при теренска работа.

Според претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, на ваквите кампови учесниците учат со какви предизвици ќе се соочуваат во нивната професионална работа и како може истите да се надминуваат и да се решаваат.

– Денешните новинари се соочуваат со многу проблеми како што се физичките и онлајн заканите, правно и економско насилство како и лоши услови за работа. На овој начин се обидуваме да градиме иднина за новинарството. Впрочем, е обидуваме да градиме идни новинари и медиумски работници кои ќе знаат адекватно да одговорат на предизвиците што ги носи новианрството денес, не само во Македонија, туку и во светот-посочи Чадиковски.