Балканската солидарност на дело
Сите примери низ годините јасно ги одредуваат целите кон кои треба да се стреми македонската надворешна политика кога бара сојузништва потребни за реализација на сопствените стратегиски цели, како што се сега евроинтеграциите, но и други прашања што можат да бидат од заемен интерес. Се покажа дека високите политики се водат од интересите на големите, а кога станува збор за земја како Македонија, таа мора да се потпре врз земјите што постојано ѝ нудат помош во секоја ситуација и со нив да гради сојузи за заеднички настап на меѓународната политичка сцена
Борбата со огнената стихија низ земјава продолжува со несмален интензитет, со максимално ангажирање на сите расположливи човечки и материјално-технички ресурси во совладувањето на пожарите, кои и натаму ги пустошат македонските шуми.
Според информациите од Центарот за управување со криза, во текот на вчерашниот ден биле активни 13 пожари, а пожарникарите и локалното население, со помош на армијата и полицијата, се обидуваат да ги стават пожарите под контрола и да спречат тие да се доближат до населените места.
Сепак, она што остави силен впечаток кај македонските граѓани повторно е несебичната помош од соседните земји, кои иако и самите се соочуваат со високи ризици од избувнување пожари поради високите температури што го зафатија Балканот, без никакви резерви испратија авиони и хеликоптери за да помогнат во гаснењето на пожарите од воздух.
На првиот повик помош стигна од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, но и од Турција и Романија, кои без задршка одговорија на повикот за помош упатен од страна на македонските власти. Не треба да се заборави дека пред некоја година при гаснењето на пожарите во Делчевско, помош упати и Австрија, чии пожарникари активно се вклучија рамо до рамо со македонските колеги.
Нераскинливи врски што продолжуваат да функционираат
Брзата реакција на пријателските земји несомнено придонесе добар дел од пожарите да биде ставен под контрола, што без ангажманот на леталата што пристигнаа од соседството ќе беше невозможно.
Она што на прв поглед паѓа во очи, а се наметнува како неоспорен факт, тоа е конзистентноста на поддршката што овие земји ја искажуваат кон Македонија. Имено, дури и по повеќе од три децении од раздружувањето од заедничката држава СФР Југославија, врските меѓу државите што произлегоа од поранешната федерација останаа нераскинливи и тоа може да се забележи на секој чекор. Имено, за време на катастрофалните поплави во Словенија помош упатија и Македонија и Србија и Хрватска и Црна Гора, но и БиХ, сакајќи да им помогнат на Словенците полесно да излезат од непогодата што им се случи. Пред неколку години тешки поплави ја погодија и Србија, при што повторно не изостана солидарноста од страна на поранешните југословенски републики. Сите овие држави си помагаа и за време на пандемијата на ковид, донирајќи си едни на други вакцини во време кога тие тешко можеа да се најдат. Турција, како наш стратегиски партнер, но и како блиска и пријателска земја, веднаш одговори на повикот за помош, а тоа го стори и Романија. Поддршка има и од Унгарија, која како земја претседавач со ЕУ ги активира европските механизми за помош.
Сето ова говори дека, без оглед на повремени политички недоразбирања, сепак кога станува збор за помош, тогаш се заборава на сѐ и целиот фокус е насочен како да им се помогне на луѓето во неволја.
Сите овие примери низ годините јасно ги одредуваат целите кон кои треба да се стреми македонската надворешна политика кога бара сојузништва потребни за реализација на сопствените стратегиски цели, како што се сега евроинтеграциите, но и други прашања што можат да бидат од заемен интерес.
Се покажа дека високите политики се водат од интересите на големите, а кога станува збор за земја како Македонија, таа мора да се потпре врз земјите што постојано ѝ нудат помош во секоја ситуација и со нив да гради сојузи за заеднички настап на меѓународната политичка сцена.
Добрососедството се демонстрира со дела
И додека првите соседи на Македонија, Бугарија и Грција, продолжуваат во секоја пригода да говорат дека добрососедските односи се главниот критериум за влез во европското семејство, очигледно за нив добрососедските односи се „еднонасочна улица“, односно значат само задоволување на нивните потреби.
Шефот на македонската дипломатија неодамна изјави дека помош за справување со пожарите, покрај другите земји, побарал и од Грција, која располага со голема воздухопловна флота за гаснење пожари од воздух, но засега Грците не се вклучени во операцијата за справување со пожарите во земјава. Од друга страна, да биде парадоксот уште поголем, завчера пожар избувна во близината на граничниот премин Евзони од грчка страна, при што, според изјави на некои медиуми, први во гасењето на пожарот се вклучиле гевгелиските пожарникари, кои интервенирале превентивно додека на местото да пристигнат нивните грчки колеги. Засега нема координирана акција ниту со Бугарија во гасењето на пожарите во пограничните области, што јасно говори дека дури и за прашања што се однесуваат на безбедноста на граѓаните и нивните имоти, повторно политиката игра некаква улога. Со таков пристап терминот „добрососедски односи“ е само обична флоскула, без никакво реално дејство во пракса. Впрочем, она што обичните граѓани го очекуваат, тоа е соседните земји меѓусебно да си помагаат во секоја пригода, оставајќи ги политичките прашања настрана.
За време на катастрофалните пожари во Грција, Македонија понуди помош во луѓе и дел од техниката со која располага, но од грчка страна беше одговорено дека не им е потребна помош, иако 70 отсто од земјата беше во пламен и пристигнуваа пожарникари и од Србија, но и од други европски земји. Очигледно таа нетрпеливост кон Македонија се рефлектира дури и во ситуации кога хуманоста треба да се покаже на дело.
Поцврсти врски и сојузи со оние што секогаш ни помагаат
За познавачите на меѓународните состојби, помошта што земјава ја добива за справување со пожарите од пријателските земји всушност го одредува курсот на нашата надворешна политика.
– Станува збор за земји што постојано ни помагаат и никако не смееме да го заборавиме тоа. Затоа со нив мораме да градиме многу поцврсти врски, да утврдуваме некои заеднички цели и така да настапуваме. Некои од нив се членки на ЕУ и можат сериозно да се заземат за земјава на патот кон Унијата, а со другите можеме заеднички да се координираме како во еден глас да настапиме пред Брисел и да бидеме погласни во нашите барања за побрзо членство. Ако настапуваме секој за себе, така ќе нѐ маткаат со години, но ако се здружиме, тогаш дејствуваме многу посилно – велат соговорниците.
Според нив, народите од овие простори покажале дека ја задржале хуманоста кон своите соседи, без оглед на сите недоразбирања.
– Вистинското пријателство се демонстрира така што ќе му помогнеш на соседот кога му е најмногу потребно. Неодамна бугарскиот премиер изјави дека сме биле повеќе од соседи, но за време на овие пожари Бугарија не покажа дека сме повеќе од соседи, туку тоа го демонстрираше Романија, која испрати два моќни авиона за гаснење пожари. Не е работата да се расфрлаш со зборови, а да те нема никаде со дела.
Истото тоа важи и за Грција. Постојано зборува за добрососедски односи, но под тоа подразбира само имплементирање на Преспанската спогодба од наша страна. Еден од меморандумите што не ги ратификуваат Грците се однесува токму на надзор на воздушниот простор, па ако веќе добиваат зелено светло да летаат над земјава со воени авиони, можеа симболично да помогнат макар со еден хеликоптер – заклучуваат соговорниците.