Фото: Архива

На платото на УКИМ денеска не се одржа студентски пленум кој викендов беше најавен од Независен студентски сојуз, па потоа откажан од Сојузот со допис до медиумите од иста електронска адреса. Откажувањето на собирот вчера беше демантирано на Фејсбук страницата со исто име и лого (Независен студентски сојуз) со објава дека пленумот ќе се одржи како што било планирано: понеделник во 13.00, и дека „дезинформациите што кружат се тенденциозни“.

На празниот кампус на УКИМ дојдоа новинарски екипи да го проследат настанот, но беа избркани  од неколкумина млади луѓе кои извикуваа дека не сакаат настанот да се снима и фотографира и дофрлуваа: „Вие сте платеници, не сакаме новинари“.

Набргу потоа до медиумите стигна допис од иста е-адреса и со исто лого на Независен студентски сојуз во кој се наведува дека биле „препознати сите намери за политизација и мешање во нашето искрено студентско движење“ и оти „фијаското на денешниот протест нанесе штета врз угледот на студентите“.

-Денешниот собир е директен доказ дека студентите не сакаат политичка инволвираност во искажувањето на своите ставови и беше обид политичката партија Левица да го киднапира искрениот студентски крик! Студентите денес го препознаа политикантството и одлучија да не учествуваат во ова фијаско. НСС УКИМ ќе поднесе кривична пријава за вчерашното лажно претставување во наше име и ширење изјави во јавноста- стои во дописот.

Оттаму апелираат „политиката да се тргне настрана, а кога ќе обезбедиме делување независно од политиката – потоа ќе го соопштиме нашиот став и нашите идни чекори“.

За вечер во 18.59 часот во Скопје е закажан протестен марш организиран од иницијативата „Кој е следен?“ за што, како што соопшти СВР Скопје, ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во центарот на главниот град.