Фото: Пиксабеј

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најостро го осуди секое незаконско и коруптивно однесување, поврзано со последниот случај со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство.

Од Министерството побараа Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство целосно да го расчистат случајот и да постапат согласно законите. Тие нагласија дека злоупотребата на службената положба за личен интерес мора да биде санкционирана и дека секој ќе сноси одговорност.

Во соопштението се потенцира дека борбата против корупцијата е приоритет и дека нема да има привилегирани, при што се повикуваат граѓаните, особено земјоделците, да пријавуваат неправилности.

Акцијата, спроведена од МВР во координација со обвинителството, резултирала со апсење на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, поради сомневање за примање мито.

Со реакции се огласија и политичките партии. Од ВМРО-ДПМНЕ ја поздравија акцијата и истакнаа дека законот мора да важи еднакво за сите, додека СДСМ оцени дека станува збор за уште еден корупциски скандал.

Од Социјалистичката партија на Македонија повикаа институциите да постапуваат неселективно и согласно закон, нагласувајќи дека само така може да се обезбеди праведност и владеење на правото.