На предлог на Министерството за здравство, Владата на денешната седница ја усвои информацијата за потребата од обемна реконструкција и доизградба на болничките капацитети во Штип и Тетово, изградба на нов здравствен објект во Кичево, како и инвестиции во опрема и дигитална трансформација на здравството на национално ниво, информираат попладнево од МЗ.
– Поради сериозни конструктивни и проектни недостатоци кај постојниот објект на Општата болница – Кичево, Министерството предлага изградба на целосно нова болница на нова локација. Новиот објект ќе биде планиран како регионален здравствен центар, што ќе ги опслужува жителите на Кичево, Македонски Брод, Пласница, Зајас, Вранешница и Демир Хисар- се појаснува во соопштението.
Проектот за Штип вклучувал дооформување на постојниот објект, што бил во напредна фаза на изградба, како и проширување со нов објект за Медицински факултет, катна гаража и уредување на инфраструктурата согласно современи болнички стандарди. Објектот бил проценет како технички и архитектонски погоден за комплетирање и функционализација.
– Со цел Клиничката болница во Тетово навистина да прерасне во регионален и функционален здравствен центар, Министерството предлага изградба на два нови објекти за специфични дијагностички и терапевтски услуги, како целосна реконструкција и модернизација на постојните павилјони, за подобрување на условите за пациентите и медицинскиот кадар- се додава во соопштението.
Министерството го презентирало и националниот план за дигитализација на здравството, со цел создавање поефикасен, потранспарентен и поврзан здравствен систем, што ќе се усогласи со европските стандарди.
– Клучните иницијативи опфаќаат воведување електронско здравствено досие (ЕЗД), национален eHealth HUB, е-рецепти, е-упати, дигитализација на јавните набавки и телемедицина. Овие иницијативи се насочени кон системска трансформација што ќе обезбеди побрз, поконтролиран и поинклузивен здравствен систем во корист на пациентите и здравствените работници- се додава во соопштението.
На предлог на Министерството за здравство била усвоена и информација со што се воспоставува нова институционална соработка со ЈП „Градски паркинг – Скопје“, со цел целосна реконструкција, хортикултурно уредување и дигитализација на паркинг-просторот во Клиничкиот центар.
– Проектот предвидува уредување со зеленило, LED осветлување и категоризација на паркинг-местата, како и воведување паметен систем со сензори, камери, мобилна апликација и автоматско управување, во согласност со највисоките светски стандарди за функционалност и ефикасност- истакнуваат од Министерството за здравство.