Министерството за здравство денеска соопшти дека продолжува да ги презема сите неопходни мерки за да ја осигура највисоката можна грижа за пациентите, додека истовремено се реализираат неопходните обновувања и подобрувања на здравствените установи.
– Реновирањето на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) е важен проект кој има за цел да го зголеми капацитетот и квалитетот на услугите кои се нудат на пациентите – се наведува во соопштението.
Од Министерството за здравство информираат дека активно работат на пренасочување на пациентите кои имаат потреба од интензивна нега во други високо специјализирани здравствени установи, како што се ГОБ „8 Септември”, Хируршката клиника „Св. Наум Охридски” и Клиниката за неврохирургија.
-Овие мерки ќе осигураат дека пациентите ќе добијат најдобра можна грижа без никакво намалување на квалитетот на услугите – се наведува во соопштението.
Проектот на реновирање, како што посочуваат од Министерството, е целосно во согласност со планот за модернизација на здравствените капацитети, кој има за цел да ја зголеми ефикасноста на здравствениот систем во долг рок.
Од Министерството за здравство велат дека ги имаат предвид сите потреби на пациентите и дека продолжуваат да се грижат за нивната здравствена безбедност во текот на овој процес.
Од СДСМ денеска посочија дека здравството е во тотален хаос, дека ништо не функционира, нема лекови, нема соодветни услуги и не работат важни центри.
Според Симона Цветаноски, член на Извршен одбор на СДСМ, со последната скандалозна одлука на министерот Таравари и ДПМНЕ загрозен е животот на најкритичните пациенти.
-Таравари наредил да не се праќаат пациенти на КАРИЛ (Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување) поради реновирање на болницата. Пациентите на кои им е неопходна интензивна нега и најсовремени апарати, на кои животот им зависи од третманот што можат само на КАРИЛ да го обезбедат се оставени сами и без алтернатива. Оваа скандалозна одлука предизвикува сериозна загриженост, во болниците не постојат одделенија за интензивна нега, ниту доволно ресурси за да се третираат животозагрозувачки пациенти. А нема ниту најава за алтернатива ниту пак кога ќе се заврши оваа нивна голгота – истакна Цветковски на прес-конференција.