По обвинувањата од Венецуела дека имало сајбер-напад од Македонија врз системот за пренос на податоци на изборите
Министерството за внатрешни работи информира дека Секторот за компјутерски криминал ги следи случувањата во врска со обвинувањето од Венецуела за наводни хакерски напади од корисници на македонски Ај-Пи (IP) адреси за време на нивните избори. Соопшти и дека од таа јужноамериканска држава досега не се пристигнати барања или информации за проверки што треба да ги направи нашето МВР.
-Во врска со објавите за наводни изјави од страна на властите во Венецуела дека за време на изборите кои биле одржани на 28 јули 2024 се случиле наводни хакерски, Ddos напади од корисници на македонски Ај-Пи адреси, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Секторот за компјутерски криминал ги следи случувањата во однос на наводните обвинувања кон македонски државјани и, исто така, наведуваме дека до сега не се пристигнати никакви барања или информации во однос на горенаведеното од страна на властите во Венецуела за понатамошни проверки од наша страна – соопшти попладнево МВР.
Сајбер напад извршен од Македонија влијаел врз пренесувањето на резултатите од претседателските избори во Венецуела, тврди Обвинителството во таа земја. Според главниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб, бил направен обид за манипулирање на резултатите, но тој не успеал.
Македонското МВР укажува и дека „дури и појавувањето на македонски Ај-Пи адреси во некаков наводен напад, не значи дека тие изворно потекнуваат од Македонија“.
– По досегашното искуство може да информираме дека постои голема веројатност истите да користат ВПН (Виртуални приватни мрежи) или, пак, да се дел од поголема BotNet мрежа, односно да потекнуваат од таканаречени инфицирани зомби компјутери, кои се компромитирани од страна на хакери преку компјутерски вируси или малициозен софтвер и истите можат да извршат зададени задачи далечински управувани од поединци или група на потенцијални хакери – наведува Министерството за внатрешни работи.
Во известувањето МВР посочува дека најчесто жртви на ваквите зомби компјутери се лица кои не знаат дека нивните компјутерски системи се инфицирани со малициозен софтвер.
– И без нивно знаење и согласност се вршат Ddos напади кои претставуваат злонамерен обид да се наруши нормалниот интернет сообраќај на зададениот сервер, сервис или мрежа за пристап до одредена цел во еден ист момент со цел нејзино блокирање, преоптоварување – додава МВР во соопштението.
За обвинувањата, денес со став во јавноста излезе и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Тој рече дека внимателно се следи процесот и потенцираше дека Министерството не е истражен орган. Но, додаде дека ќе се заложат за тоа никој да не биде обвинуван во државата без да има соодветни докази за тоа.
Прашан за коментар во врска со обвинувањето од главниот обвинител на Венецуела дека наши државјани извршиле сајбер-напад во корист на опозицијата, а против досегашниот претседател Николас Мадуро, Андоновски одговори дека „станува збор за социјалистички режим којшто со години лиферува често информации непоткрепени со докази и обвинува засегнати страни и држави коишто немаат одговорност во таквите случаи“.
– Се надевам дека освен коментарите што излегоа во јавноста и коишто ги забележавме и со внимание ги следиме, од државата, од властите во таа држава ќе има и соодветни докази за наводно вмешување на некои наши граѓани или институции од државата. Внимателно го следиме процесот. Министерството не е истражен орган, но ќе се заложиме за тоа никој да не биде обвинуван во државата без да има соодветни докази за тоа и да не бидеме вмешувани во внатреполитички битки на еден авторитарен режим којшто постои со години во таа држава и неговиот однос кон опозицијата во таа држава – рече Андоновски.