Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осудува постапката на службеници од Министерството за внатрешни работи кон колешката Соња Колевска-Делевска од дигиталната редакција сакамдакажам.мк, која денеска беше повикана на службен разговор во полициската станица Центар поради објавен текст, а по поплака на државна службеничка која е раководителка во Министерството за правда.
ЗНМ предупредува дека повикувањето на новинари и медиумски работници на службен разговор во полиција поради објавен текст води кон цензура и самоцензура кај новинарите. Овој случај со колешката Делевска може негативно да се одрази на слободата на јавното информирање и говор. Предупредуваме дека доколку ова стане пракса може сериозно да ги ограничи новинарите слободно да известуваат за прашања од јавен интерес и истовремено да ги обесхрабри тие да работат на теми кои се поврзани со корупција и злоупотреба на власт. Затоа бараме од МВР да спроведе итна внатрешна истрага за овој случај.
По доставената покана изминатиот викенд од страна на припадници на полицијата на домашната адреса на новинарката Соња Колевска-Делевска, таа денеска беше во полициската станица Центар во Скопје на „службен разговор во врска со поплака“ за претходно објавен текст.
Пријавата, односно повикувањето од полицијата е во врска со објавениот текст „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“, објавен на 27ми април, 2022 на СДК.МК. Адвокатката за доцнењето на исплатата од Министерство за правда спорот го добила на Управен суд. Парите уште не ѝ се исплатени, но затоа Министерството ја избриша од регистарот на адвокати што даваат бесплатна правна помош за кои трошоците ги покрива Министерството, стои во текстот на СДК.МК.
-Укажуваме дека било кој граѓанин доколку е незадоволен од начинот на известување во медиумите на располагање ги има саморегулативните механизми. Сметаме дека за случаи во кои граѓанин се жали на евентуална клевета или навреда припадници на МВР не смеат да „дисциплинираат“ новинари преку повикување на службени разговори во полициска станица – велат од ЗНМ.
И Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро го осуди повикувањето на службен раговор во полициска станица поради објавен текст на новинарката.
-Полициска интервенција за напишан текст е пракса на други политички системи и општества каде што слободата на медиумите е загрозена, а слободата на изразување казнувана. Бараме, експресно расветлување на случајот, брзи одговори и јавно извинување бидејќи ваквата полициска постапка длабоко задира и во инаку кревката сигурност на новинарите во земјата, а ги спори и макотрпните заложби на новинарските организации за заштита на новинарската професија, безбедноста на медиумските работници и слободата на говорот како фундамент на нашето демократско општество. Дополнително, ваквиот чин би можел да создаде пракса на барање на суетни административци на полициски распит да се повикуваат новинари за објавени текстови, што е неприфатливо. Оттаму вознемирувањето на еден новинар го доживуваме како атак врз целата професија. И нема да (Ви) молчиме – реагираат од ССНМ.