Фото: Маја Јаневска Илиева

Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски миленици, но, да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или било која друга припадност што, како што велат, не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот.

Информира и дека во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 2 август во Куманово во полиција веќе биле повикани неколку осомничени лица, како и оти е лишен од слобода С.М. (30) од Куманово, кој е осомничен дека на полувреме од кошаркарскиот натпревар се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина.

-Во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 02.08.2025 во Спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор, и по извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки против инволвираните лица, вклучително и кривични постапки. Денеска, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода С.М. (30) од Куманово, кој се сомничи дека на полувреме од кошаркарскиот натпревар се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина. По целосно расчистување на случајот против него ќе следи соодветен поднесок- информираат денеска од МВР.

Во тој контекст, нагласуваат од МВР, во рамки на обезбедувањето мирни и непречени спортски натпревари, полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања врз база на национална, етничка или верска припадност и тоа ќе биде најстрого санкционирано, без никаква толеранција. Само спортското фер навивање и бодрење, според МВР, може да ни донесе успеси, победи и спортски радости.