На овој ден се принесува жртва – курбан, обично овни и им се делат на сиромасите
Верниците од муслиманска вероисповед денеска го слават Курбан-бајрам, ден познат како празник на жртвата, зашто се принесува жртва – курбан.
За празникот се испраќаат пораки полни со солидарност, изрази на морална помош и пораки за што поскоро поминување на мачните и тешки денови.
Бајрамот е исто така повод за да се потсети на сиромашните, децата без родители и на осамените. Тоа, според познавачите на исламот, е должност на секој муслиман за Бајрам.
Курбан-бајрам се одбележува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр-бајрам, а го одбележува денот кога е комплетиран Светиот куран.
Се одбележува со утринската молитва сабах-намаз, а потоа и со молитвата бајрам-намаз почнува неговата тридневна прослава, во која почитта кон Алах, муслиманите ја искажуваат со колење курбан.
Теолозите по исламски науки велат дека ова е еден од двата најголеми муслимански празници, кој трае седум дена и е таканаречен празник на жртвата затоа што тогаш се принесува жртва – курбан, обично овни и им се делат на сиромасите.
– Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите што отишле да ѝ се поклонат на Светата Ќаба во Мека – објаснуваат теолозите.
За Курбан-бајрам се посетуваат роднините и пријателите и се упатуваат честитки и добри желби за секој намерник.
Денешниот ден е неработен ден за граѓаните од муслиманска вероисповед во Македонија.