Верниците од исламска вероисповед во земјава и ширум светот денеска го слават Рамазан Бајрам, еден од најзначајните празници во исламот, кој доаѓа по едномесечниот пост во Рамазан.
По утринската молитва – Бајрам-намаз, која се служи во сите џамии, верниците традиционално ги посетуваат гробиштата и своите најблиски, разменуваат честитки и го прославуваат празникот во семеен круг.
Рамазан, деветтиот месец од исламскиот календар, е период на духовно прочистување, посветеност и солидарност, кога верниците се воздржуваат од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, а посебно внимание се посветува на хуманоста и помошта кон сиромашните преку давање милостина.
По повод празникот, честитка упати и поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаи, кој порача дека Бајрам е време на помирување, солидарност и зајакнување на меѓучовечките врски.
Тој повика празникот да се искористи за ширење мир, добрина и заедништво, нагласувајќи дека вредностите како хуманост, правда и почитување треба да останат водилка и по завршувањето на постот.
























































