фото: Пекселс / Илустрација

Примената на лекот Керендиа, кој се користи за третман на пациенти со дијабетес мелитус тип 2, кои имаат хронична бубрежна болест и срцева слабост била главна тема на мултидисциплинарниот состанок на лекари од специјализираните болници за нефрологија – Струга и за кардиоваскуларни болести – Охрид што се одржа во Струга.

Овој лек, како што информира за МИА директорот на Струшка нефрологија, Јетмир Зиба, со средства од Фондот за здравствено осигурување неколку месеци бесплатно се обезбедува за пациентите.

– Лекот Керендиа ја забавува прогресијата на хроничните бубрежни и кардиоваскуларните болест кај пациенти со дијабет 2. Искуството во пракса е позитивно, доведува до намалување на микроалбуминурија, а тоа не дозволува бубрежната болест да проигресира, односно забавува влошување на хроничната бубрежна болест. Аплицирањето на лекот со средства од државниот буџет, претставува значително олеснување за финансиската состојба на пациентите и е голем успех за нашата институција – изјави Зиба.

Состанокот на лекарите од двете болници, според него, е одлична можност за размена на искуства, знаења и најдобри практики, со цел преку мултидисциплинарна соработка заеднички да ги препознаат ризиците и придобивките од лекувањето.

Оваа иницијатива, нагласи Зиба, е првиот чекор во редовни стручни средби, кои имаат за цел постојано унапредување на квалитетот на грижата за пациентите.

– Ќе се залагаме за почести вакви состаноци, со цел мултидисциплинарен пристап во третманот на пациентите, кои заеднички треба да ги следиме – додаде Зиба.