Во рамки на посетата на Стокхолм, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имал средба со својот домаќин, министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Мариа Малмер Стенергард.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), на средбата се разговарало за повеќе теми, вклучително и билатералните односи и можностите за продлабочување на соработката во различни области, со акцент на трговската и економската соработка, евроинтегративниот процес на државата, како и за актуелни регионални, европски и глобални прашања.
Министерот Муцунски го потврдил силното партнерство и пријателските односи меѓу двете земји, изразувајќи благодарност што Шведска е силен политички и билатерален партнер. Тој упатил искрена благодарност за поддршката во евроинтеграцискиот процес на државата, како и до државата и шведскиот народ за брзата и одлучна реакција по пожарот во Кочани, кога дел од пациентите беа лекувани во Стокхолм.
Муцунски информирал и за реформските процеси во земјата, со посебен акцент на Планот за раст, реформата на правосудниот систем и имплементацијата на европските стандарди.
Од страна на министерката Стенергард, се посочува во соопштението од МНРиНТ, била потврдена поддршката за македонската интеграција и принципиелната определба на Шведска за континуитет во политиката на проширување.
Министрите размениле мислења и за актуелните геополитички состојби во Европа и регионот на Западен Балкан. Во оваа насока, министерот Муцунски нагласил дека Република Северна Македонија ќе продолжи да биде фактор што промовира добронамерен ангажман, стабилност, добрососедски односи, отворен дијалог и активна регионална соработка.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски остварил и средба со вториот заменик-претседател на шведскиот парламент – Риксдаг, Јулија Кронлиф. На средбата присуствувал и Јусуф Ајдин, член на Комисијата за надворешни работи.
– Се разговараше за улогата на парламентарната дипломатија и беше изразено заедничко задоволство од од парламентарната соработка во повеќе области, како и од успешната реализација на проектот за демократски развој меѓу парламентите, кој веќе четири години придонесува за унапредување на соработката и размена на добри практики – се посочува во соопштението.
Министерот ги информирал соговорниците за најновите аспекти од евроинтегративниот процес и ја истакнал важната улога на Шведска како принципиелен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Се разговарало и за безбедносната ситуација во Европа, при што била подвлечена потребата од понатамошна поддршка за Украина и напори за постигнување траен и праведен мир.