Дозволувајќи им на билатералните прашања да доминираат во процесот за пристап кон ЕУ, ризикуваме да го претвориме овој механизам во алатка на поделба, наместо да биде алатка на единство, порача шефот на македонската дипломатија во обраќањето пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).
– Бугарската континуирана употреба на вето во процесот на пристапување во ЕУ е особено болна блокада на нашиот пат. Таа не само што го запира нашиот напредок, туку и испраќа обесхрабрувачки сигнал за состојбата на европската солидарност и меѓусебното почитување – рече Муцунски.
Според него, со ваквите политики и постапки во последните години се создава недоверба, се изложуваат на ризик длабоките врски меѓу луѓето градени со генерации и врз сопствените искуства и се загрозуваат нашите добрососедски односи.
– Дозволете ми да бидам јасен, нашата држава и влада остануваат посветени на дијалогот и помирувањето. Подготвени сме да ангажираме со добра волја за постигнување решенија, кои го почитуваат минатото додека градат подобра иднина. Но, ова мора да биде заеднички напор. Напредокот не може да дојде од еднострани барања, тоа бара разбирање за меѓусебно почитување и храброст за двете страни. Ја повикуваме Бугарија да ни се придружи во ова и може заедно да ги надмине овие предизвици и да изградиме врска што го одразува вистинскиот дух на европското партнерство – нагласи министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Според него, еден од начините за подобро разбирање е развивањето на културната дипломатија, како надоврзување на политичкиот ангажман.
– Ако постои реално разбирање дека нашиот пат е патот кон европската иднина за целиот регион, тогаш без сомнение, сите предизвици што ги имаме пред нас, без разлика колку и да се тешки, ќе бидат надминати. Но, во меѓувреме треба да изградиме доверба меѓу себе – додаде Муцунски.
Тој истакна дека Македонија останува непоколеблива на својата определба за членство во ЕУ, што не е само политички амбициозна сила, таа претставува длабоко трансформативен процес во центарот на агендата на Владата, насочен кон клучни реформи во владеењето на правото, јавната администрација и економското управување и тие не се насочени само кон остварување на поставените одредници, туку и кон создавање подобро општество за луѓето, кое ќе ги отелотворува вредностите што земјата ги споделува со Европа.
– Стојам пред вас како претставник на нацијата која чекори по извонреден пат, обележан со големи жртви со непопустлива издржливост, сето тоа во име на нашата европска иднина. Ние сме земја која го смени своето знаме, го менуваше својот Устав неколку пати, па дури и го промени е самото име. Ова не беа лесни избори, тие достигнаа до сржта на тоа кои сме ние како народ, допирајќи до нашиот идентитет и историја, но ние ги направивме овие жртви затоа што бевме охрабрени да веруваме во европското ветување и бевме убедени дека патот на дијалог и компромис ќе доведат до посветла иднина за нашите граѓани, како дел од европското семејство – рече Муцунски.
Тој потенцира дека и по сите овие „монументални промени“ што ги направи земјата, добиените ветување не беа исполнети, туку државата се соочуваше со нови пречки.
– Кога ќе отстранивме една пречка, се појавуваше друга – неправедно, неочекувано и длабоко обесхрабрувачки. Го решивме деценискиот проблем со името со Грција преку Договорот од Преспа, потег што некои го поздравија како триумф на дипломатијата, но штом тоа поглавје се затвори, се појави уште една пречка која не е поврзана со нашите реформи, нашиот напредок или подготвеноста да се приклучиме на Европската Унија – додаде Муцунски.
Според него, ваквите настани не само што ја обесхрабруваат довербата во самиот пристапен процес, туку и ги тераат нашите граѓани да се запрашаат дали нивните жртви некогаш ќе доведат до иднината што им беше ветена.
Муцунски потсети дека земјава ги усогласува своите политики со законодавството на ЕУ, изработи реформска агенда поврзана со Планот за раст на Западниот Балкан и потпиша Договор за партнерство во безбедноста и одбраната со Европската Унија.
– Ние сме нација која е и ќе продолжи да биде целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Преку овие активности, ние докажуваме дека нашата нација не чека членство за да биде доверлив партнер, туку веќе се однесуваме така – рече Муцунски.
Според него, Европскиот парламент отсекогаш бил светилник на надеж за земјите кандидати за членство, кој со својата поддршка на проширувањето претставува потсетник дека Европската Унија не е затворен клуб, туку жив проект кој станува посилен со секоја нова членка.
Тој потенцира дека во следните пет годините се потребни видлив напредок и политичка храброст, а со вклучувањето на проширувањето во следната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ ќе се испрати моќен сигнал што ќе ги инспирира земјите кандидати за членство да продолжат со нивните реформи и напори.
– Проширувањето не е само стратешка потреба, туку е и морален императив. Се работи за исполнување на ветувањето на Европа дека ќе биде Унија на вредности и заеднички интереси, а не само географска унија – рече Муцунски.
Тој потенцира дека следната година земјава ќе одбележи 20 години како стана кандидат за членство ЕУ, но и по 20 години реформи, жртви, издржливост и чекање да се отвори вратата, таа се уште верува во европскиот сон, но дека Унијата да ги исполнете своите обврски и да придонесе за нејзино зајакнување,
– Бараме од Европската Унија да ја усогласи нашата одлучност со јасност, праведност и храброст. Македонскиот народ се соочи со безброј предизвици и жртви на нашиот долг пат кон европската интеграција, но ние остануваме да стоиме со непоколеблива надеж и непопустлива верба во посветла иднина. Нашиот идентитет создаван низ вековите борба и истрајност е длабоко вкоренет во вредностите на слободата, солидарноста и единството кои ја дефинираат самата Европа – нагласи Муцунски.
Тој истакна дека ние не сме Европејци само поради некаква формална одлука или локацијата на карта, туку поради тоа што сме, поради храброста во нашите срца, гордеењето со нашето наследство и соништата што ги носиме за генерациите што доаѓаат, додавајќи дека без разлика кога ЕУ ќе ги отвори вратите за наше членство, непобитно е дека местото на нашата држава е во европското семејство.
– Дозволете ни да го трансформираме овој момент на предизвик во можности, двоумењето во акција и сомнежот во доверба. Заедно можеме да го направиме проширување успешна приказна за Европа и за генерациите што доаѓаат – заклучи Муцунски, заблагодарувајќи им на европратениците за поддршката за нашето придвижување на европскиот пат врз основа на спроведување на реформите и исполнување на критериумите за членство.
Во одговор на прашања на европратениците, шефот на дипломатијата потенцира дека на земјава можат да и се дадат забелешки за многу грешки и за прашања поврзани со борбата против корупцијата или реформата на јавната администрација, но дека ако за нешто треба да и се признае дека има постигнато високо ниво тоа е прашањето за малцинствата и дека имаме највисоките стандарди за заштита на малцинските права, па дури повисоки и од земји членки на ЕУ.
Во врска со настаните поврзани со уништувањето на државното знаме, Муцунски рече дека станува збор за случај кој произлегуваат од фактот што „одредена политичка партија не може да прифати дека сега е во опозиција и во позадина направи се што може да провоцира“, потенцирајќи дека институциите ќе го решат случајот согласно националното законодавство и нашиот Устав.
– Нема да дозволиме поединци кои само сакаат да ги зачуваат своите политички кариери, да го поткопаат одличното меѓусебно поврзано етничко ткиво што постои во нашето општество – рече Муцунски.
Запрашан за реализацијата на коридорите 8 и 10, Муцунски рече дека овие два проекти заедно со интерконекторот со Грција претставуваат клучни стратешки инвестиции на Владата за следните години и клучни приоритети, не само од политичко-безбедносна, туку и од економска и трговска перспектива.
– Апсолутно да нема сомнеж дека нашата Влада ќе инвестира сесрдно и со максимален напор и во двата коридора 8 и 10, за кои гледаме взаемен интерес не само за нашата нација, туку и за народите кои повеќето од вас ги претставувате овде – им порача Муцунски на европратениците.
Во однос на Договорот од Преспа, шефот на дипломатијата рече дека иако можеме да го гледаме како неправда кон нашата земја, сепак согласно принципот на меѓународното јавно право, ќе ја почитуваме оваа спогодба, но истото го очекуваме и од нашите соседи.
– Ако меѓу нас постои добра волја и култура на компромис, тогаш можам да бидам убеден дека нема ниту еден предизвик што не можеме да го надминеме – рече Муцунски.
На прашање за почитувањето на Копенхашките критериуми, тој потенцира дека Владата ќе остане целосно посветена на спроведување на реформите како единствен начин за целосно европеизирање на домашниот правен, политички и севкупен општествен систем.
Во завршното обраќање Муцунски нагласи дека треба недвосмислено да докажеме дека нема сомнеж за местото на сите држави од Западниот Балкан во ЕУ и дека што е можно поскоро тие ќе станат полноправни членки на Европската Унија.
– Можам да кажам дека во нашата Влада ќе имате партнер на Парламентот, Комисијата, Советот и на земјите членки, партнер кој ќе биде усогласен со нашите политики партнери и кој има за цел да ја реформира својата внатрешна агенда врз основа на стандардите на ЕУ – додаде Муцунски.
Претседателот на Комитетот, Мекалистер нагласи дека Европскиот парламент е голем поддржувач на македонскиот европски пат, потенцирајќи дека во текот на оваа година земјата имаше избори што доведоа до промена на власта и таа изработи реформска агенда согласно Планот на ЕК за раст на Западниот Балкан.