Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија денеска излезе со соопштение во кое изразува благодарност до Српската православна црква, поради заокружување на процесот на помирување, со вчерашното издавање на официјален документ, кој, како што наведува е своевидна препорака со која МПЦ се претставува како подготвена и достојна за автокефалност.
– Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Му благодари на Милостивиот Бог, а воедно и на сестринската Српска Православна Црква (СПЦ) за снисходливоста и покажаната љубов за помирување и за навремено и брзо решавање на меѓусебниот однос и административните аспекти, што произлезе како насока од страна на Великата Христова Црква во Константинопол и со актот за враќање во канонско единство на Охридската Архиепископија и со сите досегашни напори. Овој процес меѓу двете Цркви беше заокружен вчера во Белград, како меѓусебно решение, со издавањето на официјален документ, како своевидна препорака со која нашата света Црква се претставува како подготвена и достојна за автокефалност – се наведува во соопштението објавено од Кабинетот на на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Од Кабинетот известуваат дека во наредниот период, при официјалната посета на Фанар за Педесетница, Вселенската патријаршија ќе биде известена за решението на СПЦ.
– Известуваме дека во наредниот период при официјалната посета на Фанар за Педесетница, што со голема радост ја очекуваме и кога ќе биде официјализирано нашето прифаќање во сеправославното литургиско и канонско единство, претстои да биде известена Вселенската Патријаршија за решението на СПЦ за да бидат затворени сите управни прашања меѓу двете Цркви. Изразуваме полноцрковна надеж, во блиска иднина да се пристапи кон финализирање на нашето црковно прашање и со издавање на општопризнат Томос од страна на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, согласно неговите законски и историски принадлежности – се нагласува во соопштението.
Комисија за верски заедници: Очекуваме во најскоро време вселенскиот патријарх да го издаде томосот за автокефалност на МПЦ-ОА
Комисијата за односи со верските заедници соопшти дека како надлежен државен орган за религиските прашања и односи, со особено внимание го следи понатамошниот развој на процесот на препознавањето на автокефалниот статус на нашата славна и древна Охридска архиепископија од православната екумена.
– Официјализирањето на соборските одлуки на Српската православна црква – Пеќска патријаршија и издавањето на адекватен акт предаден вчера при сослужувањето на двете сестрински цркви во храмот „Св. Архангел Михаил“ во Белград ја заслужува нашата почит, истиот го поздравуваме и го оценуваме како важен чекор кој ја претставува зрелоста, подготвеноста и достојноста на нашата света црква за автокефално достоинство – информира Комисијата за односи со верските заедници.
Воедно, стои во соопштението на Комисијата, тоа е чекор кој ги покажува надминатите управни прашања помеѓу двете цркви и чекор кој води кон крајната цел, посакувана од генерации и генерации наши православни верници и изразена преку едногласното барање на црквата и државата за издавање на официјален томос за автокефалност од надлежната инстанца во православната екумена, Вселенската патријаршија, претставена од првопрестолниот архиереј Неговата Сесветост архиепископот на Константинопол, Новиот Рим и вселенски патријарх Вартоломеј.
Комисијата ја нагласува важноста од очекуваното сослужување во седиштето на Вселенската патријаршија во Фанар, закажано за 12 јуни, со кое ќе се официјализира историски значајната одлука за признавање и прифаќање на Охридската архиепископија во литургиско и канонско единство, после неколку вековни искушенија за нашата древна народна црква.
– Изразуваме радост и надеж за тековниот развој на процесот, особено го истакнуваме очекувањето во поскоро време согласно неоспорливите надлежности и права Вселенскиот патријарх да го издаде томосот за автокефалност, со целосна важност и валидност, кој ќе придонесе во заштитата и унапредувањето на соборното православие, мир и единство – стои во соопштението на Комисијата за верски заедници.