Македонија спаѓа во земјите со интермедијарно ХБсАг носителство, што значи дека од два до седум отсто од нашата популација може да се хронично инфицирани со вирусот на хепатитис Б, вели по повод Светскиот ден на борба против хепатитисот (28 јули) Марија Димзова, професорка на Катедрата за инфективни болести на Медицинскиот факултет во Скопје и раководителка на Одделот за фебрилен инфективен иктерус на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје
ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА БОРБА ПРОТИВ ХЕПАТИТИСОТ: ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р МАРИЈА ДИМЗОВА, ЕМИНЕНТЕН ИНФЕКТОЛОГ, СПЕЦИЈАЛИСТ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ОД ВИРУСНИ ХЕПАТИТИСИ (1)
Светската здравствена организација (СЗО) на 28 јули го одбележува Светскиот ден на борба против хепатитисот за да се издигне свеста за вирусниот хепатитис, воспаление на црниот дроб што предизвикува тешки заболувања на црниот дроб и рак на црниот дроб. СЗО повикува на итна акција за отстранување на финансиските, социјалните и системските бариери – вклучувајќи ја и стигмата – што стојат на патот на елиминацијата на хепатитисот и превенцијата од рак на црниот дроб. Хроничниот хепатитис Б и Ц тивко предизвикуваат оштетување на црниот дроб и рак – иако можат да се спречат, лекуваат и, во случајот на хепатитис Ц, излечат. „Да го разбиеме хепатитисот“ е насловот на темата за оваа година. Неофицијално, од стотиците милиони заразени со вирусни хепатитиси низ светот, околу 95 отсто имаат еден од петте вида вирусни хепатитиси, класифицирани како А, Б, Ц, Д и Е.
За вирусните хепатитиси разговараме со еминентниот инфектолог, проф. д-р Марија Димзова, раководителка на Одделот за фебрилен инфективен иктерус на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, на која работи како докторка од 2002 година, а од 2007 година е специјалист инфектолог. Секојдневната работа, покрај со пациентите хоспитализирани на одделот, ѝ се состои од лекување на пациентите со вирусни хепатитиси, во супспецијалистичка амбуланта за хепатитис при клиниката. Таа се усовршувала за лекување на инфективните заболувања, меѓу кои и вирусни хепатитиси, и на престижни клиники во Белград, Салцбург, Нирнберг, Истанбул и Окинава. Главно подрачје на работа ѝ е лекување вирусни хепатитиси. Одбрани докторат во 2018 година на темата „Прогностичко значење на квантитативниот ХБсАг и квантитативната ХБВ ДНК и нивната корелација кај пациенти со хронична хепатитис Б-вирусна инфекција“.
Д-р Димзова истовремено работи и еходијагностика, како и слепа биопсија на црн дроб. Професорка е на Катедрата за инфективни болести на Медицинскиот факултет на УКИМ во Скопје. Од 2018 година е претседателка на Здружението на инфектолози на Македонија и годинава е реизбрана на функцијата. Била дел од тимовите во неколку проекти, на Владата на Македонија, поврзани со инфектологијата. На меѓународен и домашен план учествувала на повеќе конгреси од областа на инфектологијата и заболувањата на црниот дроб, како и дел од десетина проекти на повеќе теми од областа на вирусни хепатитиси и инфективни болести.
Дали се слични симптомите на хепатитис А, Б и Ц? Кои се најчестите симптоми?
– Симптомите на вирусен хепатитис, без разлика кој тип на хепатитис е предизвикувач, се слични. Во класичната, иктерична клиничка форма на вирусните хепатитиси разликуваме период на инкубација (фаза на вирусна репликација), по што следува продромален стадиум, кој се карактеризира со премаленост, гадење, намален апетит, одбивност кон храна, нагони за повраќање и повраќање, а во одредени случаи на почетокот на овој стадиум може да има и покачена телесна температура, како и зглобни болки. Пред крајот на овој стадиум пациентите забележуваат посветла столица и потемна урина.
По овој стадиум следува иктеричниот стадиум, кога се забележува дека пациентот е пожолтен, за што се вика дека пациентот е повеќе жолт отколку болен, бидејќи сите тегоби од продромалнатa фаза се повлекуваат. Иктеричниот стадиум може да трае и до четири недели, по што следува период на закрепнување, односно период на реконвалесценција. Само врз основа на симптомите на болеста не може да се заклучи за кој тип на вирусен хепатитис станува збор. Постојат и форми на болеста што поминуваат инапарентно, супклинички, разликуваме и холестатски облици, пролонгирани форми, како и фулминантна форма на вирусните хепатитиси, која може да заврши со смртен исход.
Како најчесто се пренесува хепатитис А и кои се последиците од овој вирус?
– Вирусот на хепатитис А се пренесува по фекоорален пат, се нарекува и болест на валкани раце. Може да предизвика и помали и поголеми епидемии, особено во земјите со низок социоекономски развој и лоши хигиено-санитарни услови на живот. Колку е понеразвиена конкретната земја толку се јавува почесто во помладата возраст, особено кај деца во претшколска и школска возраст, каде што најчесто протекува асимптоматски, ретко со пожолтување и изразени тегоби, додека во развиените земји се манифестира во потешка форма и се јавува кај повозрасните лица. Овој вид на хепатитис не предизвикува хроницитет,и во најголем број од случаите завршува со излекување.
Повеќе од 300 милиони луѓе се заразени од хепатитис Б (се пренесува преку: крв, полов однос, плунка, од мајка на дете при породување…). Дали имате сознанија колку е застапен овој вирус во Македонија и дали луѓето се свесни дека се заразени од него?
– Вирусот на хепатитис Б спаѓа во парентерално трансмисивни вируси и е пронајден во телесните течности, секрети и екскрети. Иако е детектиран и во плунката, погрешна е перцепцијата дека се пренесува преку неа, односно не се пренесува преку бакнеж. Главен пат на пренесување е преку контаминирана крв и крвни продукти, вертикална трансмисија од мајка на дете, сексуален пат, хемодијализа, контаминирани игли кај и.в. (интравенски) корисници на дрога, како и професионална експозиција кај здравствените работници.
Македонија спаѓа во земјите со интермедијарно ХБсАг носителство, што значи дека од два до седум отсто од нашата популација може да се хронично инфицирани со вирусот на хепатитис Б. Треба да се напомене дека разликуваме инфекција од болест (хепатитис) односно не секој што го има вирусот на хепатитис Б има и болест. Клиничкото значење на инфицираните се состои во тоа што тие може да му ја пренесат инфекцијата на друго, неимуно лице. За вирусот на хепатитис Б постои високоефикасна и имуногена вакцина, која создава одличен степен на заштита по примени три дози на вакцината, а кај нас од 2004 година оваа вакцина е влезена во редовниот календар на имунизација. На овој начин се намалува можноста за активирање (стекнување) на инфекцијата во текот на животот, а наедно претставува и метод за спречување на вертикалната трансмисија на вирусната инфекција хепатитис Б од мајка на дете. За да се спречи овој начин на инфекција на новороденчињата покрај примање на првата доза на вакцина уште во првите 12 часа по раѓање, се администрираат и хиперимуни глобулини против хепатитис Б.
Вирусната инфекција хепатитис Б има капацитет за хроницитет, односно кај одреден процент од здравите возрасни луѓе, најчесто кај помалку од 5 проценти, болеста може да премине во хронична форма, односно хроничен хепатитис Б. Најголем дел пациенти со хроничен хепатитис Б не се свесни дека се заразени и до дијагнозата се доаѓа кога при рутински преглед ќе се најдат покачени вредности на аминотрансферазите (аланин аминотрансфераза – АЛТ и аспартат аминотрансфераза – АСТ) или при предоперативен скрининг. Кај одреден процент на пациенти болеста ја откриваме во фаза на цироза или хепатална декомпензација кога пациентите имаат клиничка слика и знаци на напреднато хепатално оштетување, болка под десниот ребрен лак, асцит (вода во стомакот) отоци, езофагеални или хемороидални варикси, спленомегалија или дури и хепатоцелуларен карцином.
Живко Здравкоски
(продолжува)