Мотивирање на младите лекари и медицински сестри да останат во примарното здравство, да работат повеќе на скрининг програмите, превентивата и вакцинацијата, е една од целите на владината одлука што предвидува зголемување на капитацискиот бод за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, истакна денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Како што напомена Таравари на прес-конференција во Владата откако премиерот Хрситијан Мицкоски ја образложи Одлуката, целта е и на примарните лекари да им се овозможи да спроведуваат некои методи од секундарното здравство како ехо на срце, ехо на каротиди или други испитувања за кои се едуцирани и имаат лиценци, без да ги испраќаат за тоа пациентите на специјалист.
Мицкоски претходно напомена дека потценетоста на примарната здравствена заштита доведе до намалување на бројот на амбуланти во 2024 година во однос на 2023-та за 34 амбуланти по општа медицина и 24 по стоматологија, а над стотина помалку амбуланти по општа медицина има сега во однос на 2015 година. Посебно намалување, додаде, има во руралните и помалите места, за кои уште во јануари се донесоа посебни мерки.
-Од 2015 година до сега, капитацијата за општа медицина порасна од 50 на 100 денари што е удвојување на вредноста за една деценија. За гинекологијата исто така имаме раст од 50 на 100 денари, додека за стоматологија од 35 на 75 денари, што е зголемување за 114 проценти. Државата издвојува околу 4.5 милијарди за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, а за ова зголемување ќе се издвојат околу 550 милиони денари или над 9 милиони евра – истакна премиерот.
Според владината Одлука, вредноста на капитацискиот бод за општа медицина и гинекологија ќе се зголеми од 75 на 100 денари или за 33 отсто, додека за стоматологија од 61 на 75 денари или за 23 проценти. Ова зголемување, рече Мицкоски, доаѓа по повеќегодишна стагнација во периодот од 2019 до 2022 гоидна кога бодот иснесувал 63 и 48 денари.