Забрзано се одвива реконструкцијата на стариот и руиниран мост кај Башино Село на еден од влезовите во Велес, а изведувач на работите е „Синтек инженеринг“ ДООЕЛ Скопје кој работите ги започна на 21 март. Оттаму за МИА денеска информираа дека работите се одвиваат непречено и оти се ќе биде завршено согласно договорот за три месеци, односно до 21 јуни годинава.
Инаку од почетокот на март, по два месеци забрана за сообраќај, мостот повторно беше пуштен во функција, но сега сообраќајот се одвива само по средната лента каде е најмало оштетувањето на мостот и е регулиран од двете страни со семафор.
-Забрането е по него сообраќање на камиони потешки од 40 тона, а тоа го регулираат полициски екипи од СВР Велес – информира за МИА, Бобан Христов, раководител од „Синтек инженеринг“.
Тој појасни дека при градежните работи се третира долниот дел од мостот, се поставува нов вид материјал на столбовите за да се зацврстат, и со најсовремено решение се третира мостот од внатре. Воедно од професори на Градежниот факултет во Скопје е монтирана најсовремена опрема под самиот мост, која врши мониторинг 24 часа, и секое движење по мостот се евидентира.
-Засега нема проблеми околу тоа ,бидејќи сите возила се придржуваат на пропишаните правила и нема надминување на возила над 40 тона – рече Христов.
Тој појасни дека опшивката на столбовите која се работи не пречи на одвивање на сообраќајот по мостот.
-Столбовите што имаат карбонски траки се завршени, а моментално се работи само на заштитата одозгора, односно на премачкување со боксивна смола што е завршено во текот на денешниот ден. Имаме репаратур малтер односно санација на отпаднати бетонски делови за кои најпрво се прави целосно рушење на сите делови коишто се оштетени од бетон, а потоа се премачкуваат се репаратур малтер. Моментално се работи на последното 9-то и 10-то поле и во текот на неделава и тие ќе бидат завршени. Со тоа ќе ни остане армирањето на главните носачи на мостот коишто се оштетени и нивно наново бетонирање и зајакнување од нивната долна страна. Прво и второ поле ни се армирани, ќе започнеме со шалување и со бетонирање во наредните денови, а понатаму ќе се работи паралелно. Потоа ни останува поставување на челикот кој е од наше производство, на што моментално се работи. Ни треба и поставување на челични врски на столбовите, со што би се зајакнала конструкцијата на мостот. Планираме сето тоа да биде готово до 21 јуни како што е предвидено со рокот, се да биде завршено и мостот да биде реконструиран – појасни Христов.
Информира дека постојано се во координација со професорите од Градежниот факултет во Скопје и со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) кое ја следи нивната работа.
Реконструкцијата на овој мост е финансирана од ЈПДП, односно Владата, а проектот е вреден 24.614.554 денари или околу 400.000 евра без ДДВ. Санацијата на мостот кај Башино Село првично треба да го продолжи неговиот век на користење за 5 до 10 години.