Министерство за образование и наука (МОН) соопшти дека е усвоена новата Стратегија за образование 2026–2032, заедно со Акциски план за нејзина имплементација.
Стратегијата е изработена во изминатите месеци преку широка консултативна постапка, во која учествувале бројни домашни и меѓународни партнери, меѓу кои УНИЦЕФ, Светска банка, УНДП и Стопанска комора на Македонија.
Работната група броела над 100 членови, а во процесот биле организирани четири национални конференции со повеќе од 500 учесници. Дополнително, преку истражувања и консултации биле опфатени над 5.000 испитаници.
Документот предвидува низа реформи во образовниот систем, меѓу кои:
- развој на нова програма за предучилишно образование
- поголема инклузија во основното и средното образование
- нови модели за финансирање на училиштата
- подобрување на образовната инфраструктура
- оптимизација на училишната мрежа и воведување едносменска работа
- нов концепт на државна матура
- развој на неформалното образование
- нова законска регулатива во високото образование и науката
Од МОН посочуваат дека целта е создавање поинклузивен, модерен и ефикасен образовен систем кој ќе одговори на потребите на учениците и пазарот на труд.































