фото: МОН

Во Тетово денеска се одржува панел-дискусија „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“, со фокус на тоа како се менувало значењето на оценувањето низ генерации, што денес значи вистински успех и како наставниците го препознаваат трудот и напредокот на учениците во современиот контекст.

Ова е трета дискусија во државата која Министерството за образование и наука ја одржува во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“ чија цел е да ја истакне суштинската улога на наставниците и значењето на нивната професија во општеството.

Министерката Весна Јаневска во изјава за медиумите пред дискусијата рече дека кампањата на МОН продолжува со цел да бидат слушнати мислењата на наставниците.

– Да продискутираме со нив, да ни посочат што сметаат дека е добро или не е добро за да можеме да градиме подобри образовни политики. Денес на панел-дискусијата домаќин е Општина Тетово на тема за промените во поучувањето и оценувањето во минатото и денес.  Промените се значајни, има промени во методологијата, во областите, во технологијата. Но константата е наставникот – клучната алка во образовниот систем, без кој не може да се очекува подобрување на квалитетот на образованието во нашата земја – изјави Јаневска.

Рече дека во минатото професијата наставник е девалвирана „не само од владата, туку и од бројни притисоци кои наставниците ги трпат од родителите, од разни моќници и од други елементи во општеството“.

– Тоа мора да се промени, а ќе го промениме со тоа што ќе ги ослободиме наставниците од притисоците. Тоа е одговорност на родителите и на другите чинители, а државата е неопходно да преземе други мерки со коишто ќе ги мотивира и ќе ги ослободи, ќе им дозволи да работат така како што тие мислат дека е најдобро и за што се остручени, ќе менуваат дел од методологијата по свое сопствено видување за поучување на децата, дури ќе вметнат и индивидуално образование за одредени групи на деца – посочи Јаневска.

Министерката оцени дека државата е должна да го направи тоа и затоа, рече, има преземено сет мерки за подобрување на стандардот на наставниците, покачувајќи ја нивната плата, вложувајќи 67.000.000 евра во инфраструктурата и со растоварување на наставниците од административните обврски.

– Она што е многу важно што го направивме е што продолживме со обуките на наставниците и откога јас сум министер вложивме околу 700.000 во нивните обуки и дополнителни други активности. Продолжуваме како и досега да работиме на подобрување на значењето на наставникот, но и знаењето во иднина за да го постигнеме она што е наша цел – подобар квалитет во образованието – посочи Јаневска.

Домаќин на денешната панел-дискусија е средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово. Градоначалникот Билал Касами во изјава за медиумите истакна дека инвестициите во образованието се влог во иднината.

– Ова е важна порака за сите, учители, наставници, сите деца, ученици, дека за нас е многу важно да имаат најдобри услови за учење и тоа не само во изградба на нови училишта, нови објекти, туку и во инвестиција во нашите наставници, и со тоа и во нашите деца. Инвестирајќи во образовниот процес, ние инвестираме во иднината. Затоа ние и преку вакви активности, вакви панел-дискусии, се обидуваме да ги мотивираме учениците во училиште и наставниците дека секој ученик е важен – рече градоначалникот на Тетово.

Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, на панел-дискусијата посочи дека магијата зад успехот на учениците секогаш започнува со наставникот, а Бирото, рече, е „тука да ја поддржи таа магија преку континуиран професионален развој и менторска поддршка на наставниците“.

На панелот своите искуства и размислувања ги споделија и Даниела Апостоловска, одделенски наставник и помошник директор во ООУ „Братство – Миѓени“ од Тетово, Сихана Каба Касами, одделенски наставник и директор во тетовското ООУ „Кирил и Методиј“ и Салих Мислими, доктор по општа медицина и професор по стручни предмети во ОСМУ „Никола Штејн” – Тетово.

Како што информираше МОН, тие преку лични примери направија паралела помеѓу времето кога учениците учеле од книги и денешното време, кога во одредени ситуации се предава и учи преку дигитални уреди.

– Се согласија дека технологијата е помошник, но не и замена за наставникот. Порачаа дека зад секоја „петка“ стои приказна за труд, охрабрување и доверба, дека вистинскиот успех е кога ученикот сака да учи, а наставникот е оној што ја разгорува љубопитноста. Едногласни беа дека технологијата може да помогне, но само човекот може да инспирира. Денешната панел-дискусија потсети дека вистинската магија на образованието не е во брзината на пристап до информација, туку во способноста да се разбере, почувствува и примени знаењето. Иако времињата се менуваат, наставниците и понатаму остануваат оние што ја претвораат љубопитноста во мудрост, а „петката“ во нешто многу повеќе од бројка – соопшти МОН.

Националната кампања „Магијата е во знаењето“, која Министерството за образование и наука ја промовираше на Светскиот ден на наставникот – 5 Октомври, е посветена на поддршка на наставничката професија и препознавање на нејзиното значење во општеството.

– Низ низа настани и активности, кампањата ги афирмира наставниците како вистински креатори на промените, на оние што ја пренесуваат љубопитноста во знаење и знаењето како темел за посветла иднина на општеството – посочува МОН.